Правосудниот систем, безбедносните разузнавачките служби, реформа на јавната администрација, борба против корупцијата се областите на кои е фокусирана владата на реформите кои го сочинуваат Планот 18, изработен во мај, а усвоен од владата минатиот месец.
„Воспоставување на правосуден систем во кој ќе постои загарантирано почитување на уставните слободи и права на сите граѓани, враќање на довербата во институциите, професионални безбедносно-разузнавачки служби, деполитизирана јавна администрација, одговорни, отчетни и транспарентни институции, како и зајакната борба против организираниот криминал и корупцијата, особено преку независност на Државната комисија за спречување на корупцијата и нејзино ослободување од политичко влијание“, рече премиерот Зоран Заев, на заедничкиот брифинг со министрите за правда, за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација, Рената Дескоска, Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Министерот Спасовски зборуваше за реформите на безбедносно-разузнавачките служби, за кои се разгледуваале три модели.
„Не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на опремата за прислушување. Со формирањето на Оперативната Техничка Агенција (ОТА) нема да се повторат бомбите“, рече Спасовски.
Спасовски го најави процесот на ветинг во полицијата, а кој има цел да го врати угледот на МВР.
Министерката за правда Рената Дескоска, вели дека нема доцнење во делот на реформите во судството со планираните закони.
„За судските реформи, имајќи го предвид застојот во Собранието заради референдумот, рокот е на почетокот на наредната година. Ние сме веќе подготвени, сега ќе ги пуштиме законите и се надевам дека Собранието ќе ги донесе до крај на годината“, рече Дескоска.
Таа информираше дека во Собранието се пратен законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, во кој биле вклучени препораките и од Рајнхард Прибе и ГРЕКО.
Изборниот законик, пак, ќе биде пуштен во собраниска процедура откако ќе ги добијат забелешките од ВМРО-ДПМНЕ со што, според Дескоска, ќе се испочитува заложбата за вклучување на опозицијата во реформските процеси. Таа кажа дека се подготвува и законот за Судски совет, како и за Јавно обвинителство, со кој, треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека почнати се активности за деполитизација на администрацијата и за подобрување и поевтинување на услугите за граѓаните.
„Со хоризонталната функционална анализа која првпат се прави, ќе следи реорганизација и оптимизација на администрацијата. Онаму каде што анализата ќе покаже дека може да се укинат, ќе се укинат, некои ќе се спојат, а ќе се формираат и нови институции. Никој нема да ја загуби работата, а на вишокот администрација ќе им биде понудено да бидат ангажирани во приватниот сектор“, рече Манчевски.
Манчевски кажа дека работат на нов закон за административна служба, со што ќе се знае кој е политички поставен, а кои се професионалци.
Тој најави дека ќе се направат промени и на Законот за општа и управна постапка, кој се покажал дека е неприменлив, а ќе се прави и ревизија на законите за административни службеници и за вработени во јавна служба.
Г. ТРПЕНОСКИ