ВЛАДАТА НА ДИМИТРИЕВ СО 800 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ ФИНАНСИРА ЗДРУЖЕНИЈА ЗА ДЕСОРОСОИЗАЦИЈАТА ШТО ЈА НАЈАВИ ГРУЕВСКИ

    ВЛАДАТА НА ДИМИТРИЕВ СО 800 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ ФИНАНСИРА ЗДРУЖЕНИЈА ЗА ДЕСОРОСОИЗАЦИЈАТА ШТО ЈА НАЈАВИ ГРУЕВСКИ„Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија, и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот“, рече Груевски на протестот на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК на 17 декември (Фото: СДК.МК)

    Владата на Република Македонија денеска објави оглас за финансиска поддршка, во вкупен износ од 50 милиони денари, односно околу 800.000 евра, на активности на здруженија на граѓани и фондации. Според огласот, објавен во весникот „Дневник“, грантовите се поделени во две категории.

    Грантови во износ од 1.845.000 денари (30.000 евра) до 3.075.000 денари (50.000 евра) или вкупно 36.9 милиони денари или 600.000 евра ќе се доделат на проекти за борба против корупцијата, владеење на правото, демократија, човекови права, добро владеење, социјална кохезија и локална самоуправа. Потоа за проекти од областа на здравството и здравиот начин на живот, економски развој, одржлив развој, рурален развој, култура и традиции, потоа проекти за млади, семејство и семејни вредности, како и за евроинтеграции, нови технологии, социјални медиуми, нови медиуми и информатички технологии.

    Втората категорија, за кој се предвидени помали грантови од 5.000 до 10.000 евра, или вкупно 213.000 евра, се проекти за зголемување на економскиот раст и на вработеноста, за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, и за проекти за инвестирање во образованието, иновациите и информатичката технологија.

    Според огласот, објавен денеска во весникот „Дневник“, грантовите се поделени во две категории

    Огласот за 800.000 евра државна поддршка доаѓа во време на Влада чии овластувања се доведени под знакот на сомнеж, бидејќи е предводена од технички премиер, Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, кој како и дел од министрите истовремено се и во извршната власт и се пратеници во Собранието на Република Македонија.

    Овој оглас практично пред 3 месеци го најави поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој  во „мегаинтервјуто“ за интернет изданието на неделникот „Република“.

    „Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа. Кај нас, потфрливме на тој план, и тоа е секако првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросиозација на општеството како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најдат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Не смее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади – изјави Груевски.

    Огласот на Владата за финансирање на граѓански здруженија и фондации доаѓа и 3,5 месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија, од каде го објави прогласот на партијата и најави десоросоизација на невладиниот сектор во земјава.

    „Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија, и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот“, рече тогаш Груевски.

    „Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани“, напиша Груевски на социјалните мрежи на 26 ти февруари. Утредента, започнаа протестите „За заедничка Македонија“.

    Последниов месец, речиси секојдневно се множат „патриотски“ невладини организации за зачувување на македонскиот интегритет и унитарноста на Македонија. Во рок од неколку дена, во Централниот регистар беа впишани три нови здруженија на граѓани – МПО „Лавови“ од Битола, Македонско-патриотско здружение Методија Патче од Охрид и Непокор од Струга. На почетокот на месецот се формираа две други здруженија, „Национален фронт“- Прилеп и фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров“. Овластено лице на прилепското здружение е Јане Ченто, а на фондацијата е Дијана Транталовска. Освен Транталовска, која е член на ВМРО-ДПМНЕ, еден од основачите е и професорката Виолета Ачкоска, како и Бошко Нелкоски, кој беше под истрага за делењето на европските фондови за млади во Македонија, како тогашен директор на Националната агенција.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира