Поранешниот министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ Спиро Ристовски, на 5 јули, 2012 се обратил до Општина Сарај со барање за согласност за користење градежна парцела за изградба на станови за сместување бегалци и социјално загрозени лица, овозможено со средства од ИПА Фондот, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и до медиумите го достави барањето потпишано од Ристовски.
„Според извадокот од записникот од 224-тата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 29.03.2011 година, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја разгледала Информацијата за имплеметација на стратегијата за интеграција на бегалци и странци и усвоила заклучок според кој се задолжува Министерството за транспорт и врски да предложи локации на државно земјиште кое може да се искористи за изградба на станбени единици. На седницата одржана на 25.05.2011 година, била разгледана информација за конкретни предлог локации за изградба на станови. Во таа насока, сметаме дека неодговорното ширење страв и лаги во јавноста е само одраз на дволична политика на ВМРО-ДПМНЕ, а обвинувањата до сегашното раководство на МТСП се крајно неосновани“, се вели во соопштението од Министерството.
ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието поднесе интерпелација за министерката за труд и социјална политика Мила Царовска поради најавената стратегија за мигранти и бегалци.
„Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска не ги консултираше граѓаните и тие не се запознаени со стратегијата, а ниту се консултирани општините, туку се ставени пред свршен чин, затоа бараме интерпелација”, рече Влатко Ѓорчев на прес-конференција во Собранието.
Ѓорчев денеска на прес изјави дека со новата стратегија на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, Република Македонија не е веќе транзитна земја туку станува земја за траен претстој на голем број мигранти, бегалци и странци од голем број земји.
Министерството вчера ги нарече лажна вест информациите дека државата ќе гради станови за бегалците и дека тие ќе останувале во Македонија.
Министерството вели дека, за разлика од претходната Стратегија усвоена од Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, новата „Предлог-Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година’’ овојпат јавно ja објави на својот сајт, заедно со нацртот на акциониот план за Стратегијата. Потенцира и дека е објавен и формулар за предлози и сугестии за текстот на документот, со рок на доставување до 8 август.
„До вчера пристигнаа мислења од неколку организации и тие ќе бидат разгледувани на јавна работилница која ќе се одржи во текот на идната недела, а на која ќе бидат поканети сите заинтересирани страни. Повторуваме дека стратегијата е сѐ уште во форма на предлог текст. Во оваа насока, беше побарано мислење и од повеќе релевантни институции и организации, меѓу кои и од ЗЕЛС, од каде е препратен дописот до општините. Децидно изјавуваме дека од ниту една општина не е побарана предлог локација за изградба на станови. Но такво нешто побарала претходната власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Министерството и до медиумите го достави дописот на МТСП до ЗЕЛС, записник од владина седница и допис до Oпштина Сарај.