ВЛАДАТА УШТЕ СЕ МИСЛИ КАДЕ ДА ГО ГРАДИ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО СКОПЈЕ

    ВЛАДАТА УШТЕ СЕ МИСЛИ КАДЕ ДА ГО ГРАДИ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО СКОПЈЕПремиерот Зоран Заев денеска во Собранието одговараше на пратенички прашања. (Фото: М. Златевска)

    Владата сè уште нема донесено одлука, и чекаме надлежните институции наредниве денови да достават уште некои информации, па ќе решиме дали новиот Клинички центар во Скопје ќе се гради на сегашната локација или пак во Бардовци или во Индустриската зона Визбегово, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничкото прашање на независниот пратеник Павле Богоевски, дали изборот на изведувачот, италијанска фирма е законски и дали дала соодветна банкарска гаранција.

    Премиерот Заев објасни дека почетокот на изградбата на новиот објект, кој ќе биде само дел од Клиничкиот центар во сегашниот круг, би можела да почне во јуни или јули годинава, ако Владата донесе одлука да се гради на сегашното место. Но, ако се донесе одлука да се гради целосно нов Клинички центар во населбите Бардовци или Визбегово, камен темелник би се ставил за пет години и целиот комплекс би чинел 450 до 500 милиони евра, наспроти 85 милиони евра колку што би се потрошиле за нов Клинички на сегашната локација.

    Почетокот на изградбата на комплексот бил блокиран со неизбирање надзор од новата владата на СДСМ, оти сакале да се уверат дека сите постапки на меѓународниот тендер биле законски.

    „Проблемот со градење на новиот комплекс на сегашната локација е што ќе продолжи и ќе се зголеми сообраќајниот хаос и околу комплексот и во него. Сепак се планирани две катни гаражи, едната под Клиниката за белодробни болести, а другата од кај МВР, во која би имало 3.700 паркинг места“, рече Заев.

    Во случај владата да реши да се изгради нов клинички центар во северниот дел на Скопје, тоа би овозможило растоварување на сообраќајот и полесен пристап на пациентите од другите градови, но, сегашната локација би можела да се пренамени во градежна зона, од што државата би добила пари од комуналии.

    „Но во тој случај ќе треба да се платат и 5,5 милиони евра казна поради раскинувањето на договорот за кредитот од 85 милиони евра од Банката на Советот на Европа, која не сака да го пренамени кредитот“, вели премиерот Заев.

    На пратеничките прашања не присуствува опозицијата која го бојкотира Собранието.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира