ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ГИ ТЕМПИРА РЕФЕРЕНДУМИТЕ ПРОТИВ МИГРАНТИ ДА СЕ ПОКЛОПАТ СО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ГИ ТЕМПИРА РЕФЕРЕНДУМИТЕ ПРОТИВ МИГРАНТИ ДА СЕ ПОКЛОПАТ СО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИРеферендумот треба да се одржи најдоцна во рок од 40 дена од денот на објавување на одлуката за распишување на референдумот во службеното гласило на Општина Кавадарци, а локалните избори се закажани за 15 октомври. - Советот на Општина Кавадарци (архивска фотографија)

    Советот на Општина Кавадарци донесе одлука за распишување референдум против мигранти, кој што би било добро, како што кажа координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јованчев, да се поклопи со денот на одржување на локалните избори. Според вчерашната одлука, на референдумот на локално ниво, граѓаните на општина Кавадарци ќе одговорат на прашањето: „Дали сте за населување и интеграција на мигранти на територијата на општина Кавадарци?“. Референдумот треба да се одржи најдоцна во рок од 40 дена од денот на објавување на одлуката за распишување на референдумот во службеното гласило на Општина Кавадарци. Локалните избори се закажани за 15 октомври.

    „Битно ни беше да донесеме одлука за распишување на референдум. Но, и да се поклопи, тоа би било добро и за излезноста на локалните избори. Во овој момент не ни е битно, но добро е да се поклопи со денот на изборите. Се надеваме дека денот на гласањето за референдумот, ако се поклопи со денот на гласањето на локалните избори, граѓаните ќе го имаат правото за првпат со пенкало во раката, со гласање да ја одбранат територијата на општина Кавадарци од населување на мигранти. Со тоа се надеваме дека излезноста ќе биде во поголем број“, вели Зоран Јованчев, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која ја покрена иницијативата за референдум и одлуката беше изгласана со мнозинство гласови во кавадаречкиот Совет.

    Претседателот на Советот Горица Пеливанова-Вилхелм и градоначалникот Александар Панов, на прашањето дали целта им е да се поклопат референдумот и изборите и што ако тоа се случи одговорија дека роковите според закон се тие што ќе кажат дали ќе се поклопат или нема да се поклопат.
    Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов на 18 август беше осуден на два месеца затвор од Основниот суд Кавадарци за поткуп при избори и гласање. Според пресудата, Панов го направил кривичното дело два дена пред парламентарните избори на 11 декември минатата година.

    Вчера, и Советот на Oпштина Штип изгласа да почне постапка за распишување референдум, на кој што граѓаните ќе се изјаснат за „Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година“. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласале „за“, а советниците од СДСМ пред гласањето ја напуштиле салата. Граѓанската иницијатива „Будење“ од Штип до Советот на Општината приложила 356 потписи од граѓани кои ја поддржуваат иницијативата за референдум.

    Наводната граѓанска иницијатива „Будење“, во која се и општински службенци од ВМРО-ДПМНЕ, собира потписи во повеќе општини во земјава, против, како што велат, изградбата на станови за бегалци, кои државата планира да ги прими на своја територија.

    Во транзитните центри во Гевгелија и Табановце живеат 40 мигранти, а 15 бегалци бараат азил во Македонија. Од министерството за труд и социјална политика за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека токму овие податоци покажуваат дека земјава е само транзитна зона на бегалците, па поради тоа нема никаква потреба од градење станови за нив.

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека дека токму ваквите бројки се доказ дека во Македонија нема потреба од градење на станови за бегалци.

    „Нема никакви станови, тоа е лага. Од ЗЕЛС сме побарале само став за стратегија, а не и за станови. Тоа е лага и спин на ВМРО-ДПМНЕ. Нека покажат барање од министерството за труд и социјална политика за градење станови. Нема такво нешто. Ние бараме локации за градинки“, додава Царовска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира