ВО БУЏЕТОТ ЗА 2019 ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА НАБАВКА НА НОВИ 40 ВОЗИЛА ЗА БРЗА ПОМОШ, И ЗА ЦАРИНАТА, ПОЛИЦИЈАТА И СУДОВИТЕ

    ВО БУЏЕТОТ ЗА 2019 ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА НАБАВКА НА НОВИ 40 ВОЗИЛА ЗА БРЗА ПОМОШ, И ЗА ЦАРИНАТА, ПОЛИЦИЈАТА И СУДОВИТЕФондот за здравствено осигурување следната година ќе добие 1,2 милијарди денари повеќе за купување здравстевни услуги; - Возило на Итна медицинска помош пред Клинички центар (Фото: СДК.МК)

    Двојното зголемување на ставката за купување возила во Буџетот за 2019 од 51,7 милиони денари (842.000 евра) во однос на годинешниот Буџет, според министерот за финансии Драган Тевдовски, се однесува на набавка на возила во здравството, царината, МВР, судовите и образованието.

    „Во ставката за набавка на возила предвидени се средства за набавка на 40 нови возила за Итната медицинска помош и други возила за транспорт меѓу здравствените установи, возила за инспекциските служби, потоа возила за потребите на царината и Министерството за внатрешни работи, а возила побараа и дел од судовите и Министерството за образование“, рече Тевдовски.

    Зголемување на ставката за стоки и услуги во Буџетот за 2019 од 3,4 милијарди денари во однос на Буџетот за оваа година според Тевдовски, најмногу е направена за потребите во здравството, одбраната, образованието и во Министерство за внатрешни работи. Тој кажа дека најголемото зголемување во ставката за стоки и услуги се однесува на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за плаќање здравствени услуги за осигурениците, односно за исплата на матичните лекари и исплати за лекови до аптеките. Ова зголемување изнесува 1,2 милијарди денари.

    „Има зголемување во програмите на Министерството за здравство од 0,3 милијарди денари за набавка на инсулин, вакцини и лекови за ретки болести. Потоа, во Министерство за одбрана има зголемување на оваа ставка од 0,5 милијарди денари или 8,1 милион евра за набавка на опрема за доближување до НАТО стандардите“, рече Тевдовски.

    Зголемување на ставките за стоки и услуги има и во Министерството за внатрешни работи од 0,3 милијарди денари или 4,8 милиони евра за набавка на опрема и муниција, како и за набавка на мебел за полициските станици и граничните премини. Кај Министерство за образование во ставката за стоки и услуги има зголемување од 0,2 милијарди денари (3,2 милини евра) за набавка на мебел во студентските и ученичките домови, опремување на училиштата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира