ВО ХРВАТСКА НЕМА НИЕДНО БЕЗДОМНО КУЧЕ ОТИ СЛЕДИ ЗАТВОР ЗА НАПУШТАЊЕ МИЛЕНИК, ТАКА ТРЕБА И КАЈ НАС, ВЕЛАТ ОХРИДСКИ АКТИВИСТКИ КОИ ЗА ДВЕ ГОДИНИ ВДОМИЛЕ 180 КУЧИЊА ВО СТРАНСТВО

    ВО ХРВАТСКА НЕМА НИЕДНО БЕЗДОМНО КУЧЕ ОТИ СЛЕДИ ЗАТВОР ЗА НАПУШТАЊЕ МИЛЕНИК, ТАКА ТРЕБА И КАЈ НАС, ВЕЛАТ ОХРИДСКИ АКТИВИСТКИ КОИ ЗА ДВЕ ГОДИНИ ВДОМИЛЕ 180 КУЧИЊА ВО СТРАНСТВОПо улиците страдаат голем број животни, а секојдневно се носат и од други градови, велат активитите од Охрид и бараат поголем број инспекциски контроли, но  и казни за сопствениците кои ги напуштаат  милениците. (Фото: СДК.МК)

    За нецели две години од спроведувањето на хуманиот третман на кучиња скитници во Охрид, сликата низ улиците е далеку подобра. Општината преку ЈП „Охридски комуналец“ успешно го спроведува проектот за заловување, кастрирање, чипирање и вакцинирање што го врши ветеринарна амбуланта избрана на тендер. Досега се третирани 183 кучиња.

    Низ градот можат да се видат мапирани неагресивни бездомни животни, но има и нетретирани оти, како што велат од Јавното претпријатие, кучиња се носат од други места.

    „Изминатите години се предвидуваше прифатилиште на локалитетот Мауцхер, но поради административни правни пречки не е возможно добивање дозвола од Агенција за храна и ветеринарство за отворање такво прифатилиште и затоа се објави тендер за хуман третман на кучињата кој подразбира ветеринарни услуги и хуман третман. Целта ни е да го решиме овој горлив проблем на охриѓани“, вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Саше Најдески и додaва дека заедно со здруженијата и активистите кои се вклучени во процесот на мапирање на животните вдомиле над 30 кучиња.

    Од Општината велат дека ваквиот начин ќе продолжи до изградба на стационар со што трајно ќе се реши овој долгогодишен проблем.

    Бројот на уличните кучиња низ градот изминативе години постојано беше во пораст, а сè почести беа и нападите врз граѓаните. Годишно до ЈП „Охридски комуналец“ пристигнуваа околу 30 барања за надомест на штети од каснување на кучиња.

    Активистката Сузан Сулејман ја адаптирала нејзината куќакако мини-шелтер за кучиња. (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните сега се задоволни, но велат дека за долгорочно решавање на проблемот потребно е изградба на згрижувалиште за бездомни животни. Со истиот став се и туристите кои најчесто ги хранат уличните животни.

    „За нас е несфатливо животните да се на улица без грижа. Секогаш кога шетаме земаме храна со нас за да ги нахраниме. Тие се само невини животинчиња кои се напуштени, оставени или фрлени на улица. Посакувам следното доаѓање во Охрид да ја нема оваа глетка“,  вели турист кого го затекнавме како храни бездомно куче.

    Активистите од Охрид велат дека по улиците страдаат голем број животни, а секојдневно се носат и од други градови. Потребна е масовна стерилизација и кастрација, задолжително чипирање на домашните миленици  и поголем број инспекциски контроли, но  и казни за сопствениците кои од разни причини ги напуштаат  милениците.

    Посакувам следното доаѓање во Охрид да ја нема оваа глетка,  вели турист кого го затекнавме како храни бездомно куче. (Фото: СДК.МК)

    „Тие не се виновни што се нашле на улица. Тоа е глобален проблем што некогаш активистите не можат да го решат. Тоа е проблем што мора да се решава на повисоко ниво, на општинско, државно, за да се доближиме до другите држави каде овој проблем е решен. Најблиску ќе ја спомнам Хрватска каде нема бездомни животни по улиците. Да не зборуваме за Германија, Холандија, Англија… Не треба ништо да се измисли, доволно е да се ископира и да се примени кај нас”, вели активистката Маја Коваческа.

    Маја и Сузан Сулејман од Охрид изминативе две години  самостојно успеале да вдомат  околу 180 кучиња во странство, најголем дел од нив во Англија.

    „Сме зеле мајка што се породила кај нас, сме ги израснале бебињата па сме ги вдомиле и мајката и бебињата. Имаме и трета активистка, Александра, која работи со нас и ни помага. Сега со Комуналец почнавме со проектот  за стерилизација и кастрација тоа ни олеснува, но од друга страна, знаете, кучиња со маркици ги трујат. Потребно е континуирано да се работи на подигнување на свеста кај населението, особено кај децата, потребна е едукација и кампањи за всадување љубов кон животните”, вели Сузан Сулејман, која нејзината куќа ја адаптирала како мини-шелтер за кучиња.

    Често и расните кучиња завршуваат на улица оти луѓето не се свесни при купување дека обврската е некаде 15 години, вели активистката Маја Коваческа. (Фото: СДК.МК)

    Маја и Сузан велат дека треба поголеми контроли оти има одгледувачници на кучиња кои не се регистрирани и не плаќаат данок на државата, а прават големи приходи од продажбата на кученцата.

    „Често и расните кучиња завршуваат на улица оти луѓето не се свесни при купување дека обврската е некаде 15 години. Оние поголемите за жал завршуваат во погрешни раце за борби“, кажуваат тие.

    Хрватските власти го сведоа на минимум бројот на напуштени животни низ улиците. Министерство за земјоделство на Хрватска со новиот закон од 2017 година предвиде забрана на убивање на напуштените животни и основање на најмалку едно „не убивај“ (no kill) засолниште на подрачјето на секоја единица на регионалната самоуправа, во кое има најмалку 50 места за животни, а сите единици на локалната самоуправа се обврзани да учествуваат во финансирање на основањето на работата на засолништето.

    Законот предвидува и контрола на популацијата на „несакани“ кучиња, како и подобар надзор над одгледувањето на кучиња. Од оваа година постои и затворска казна од 1 до 3 години за напуштање на миленик и за малтретирање на животни, а предвидени се и парични казни. Со овој закон Хрватска е една од високорангираните европски земји во грижата за животните.

    Проблемот со животните скитници во Македонија е присутен долги години и покрај тоа што има закон, но само на хартија. Повеќето Општини не прават сериозени чекори за негово решавање. Кичево е една од општините каде состојбата е загрижувачка. Граѓаните стравуваат за нивната безбедност оти бројот на кучиња по улиците постојано расте. Велат дека кучињата често се агресивни, најчесто во утринските и вечерните часови.

    „Овој проблем е наше секојдневие. Не можеш слободно да се движиш по улици. На работа ме носи сопругот или доколку тој не може викам такси. Никој не реагира, не презема ништо за да се реши ова. Цели глутници се по улиците, ни ти да поминиш ни дете да пуштиш само. Постојано има нови кучиња“, вели повозрасна жена која живее на периферијата на градот.

    Со истиот проблем се соочуваат и стружани. Таму Општината годишно издвојува 600.000 денари за хуман третман на животните, но пријавите за напад од куче скитник не се намалуваат, а граѓаните за отштетата ќе треба да причекаат оти ЈП „Комунално“ нема средства за исплата.

    „Мој став е дека Струга и Охрид треба да најдат заедничко решение со регионален стационар, со тоа што и двете Општини би партиципирале во неговата изградба и одржување. Менаџирањето со истото може да биде олеснето со барање меѓународни грантови и спонзорства така што, доколку се има добар план и визија, не е недостижно и неостварливо“, вели граѓанскиот активист Никола Кукунеш.

    Според статистиката на СВР Охрид, Кичево е рекордер според бројот на регистрирани напади од улични кучиња. Само во 2022 имало 258 пријави од нападнати граѓани. Исто толку имало и минатата година, а за само три месеци од годинава напад од куче пријавиле 64 лица. На територијата на Општина Струга од 2021 досега има регистрирано 86 пријави додека во Охрид има вкупно 62 нападнати граѓани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира