Автобус со тинејџери кои во понеделникот се вратиле од летување на Халкидики, Грција е ставен во изолација поради пациент сомнителен за ковид-19. Досега на четири патници им е издадено решение за изолација, а еден од нив е со симптоми на вирусот и утре ќе биде тестиран.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Ирена Сотирова-Бухова вели дека во моментов се прави епидемиолошка анкета на сите патници.
„Автобусот со туристи од Грција е пристигнат на 20 јули. Во истиот имало мешана структура, и возрасни и деца. До овој момент, со решение на ДСЗИ на домашно лекување и самоизолација се ставени 4 лица, еден е со симптоми и ќе биде тестиран во текот на утрешниот ден. Во тек е епидемиолошка анкета на контактите, по што, по известување на Центарот за јавно здравје, ДСЗИ ќе издаде решенија за домашна самоизолација и медицински надзор на контактите“, вели Сотирова-Бухова.
А. АНТЕВСКА