Настава од далечина, реорганизација на наставата преку редуцирање на бројот на ученици во училиница, но и целосно нормализирање на наставата се сценаријата за кои се подготвува Министерството за образование и наука (МОН) за почетокот на учебната година од 1 септември. Градинките, училиштата и факултетите се затворени од 10 март, како превентивна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, и учениците до 10 јуни ја продолжија учебната година преку онлајн настава.
Изминативе денови, Министерството објави нацрт-верзија на Концепт за далечинско образование кој предизивика бурни реакции во јавноста, особено кај родителите на учениците, кои сметаат дека е многу доцна што Министерството не развива стратегии за од септември, како и за тоа дека има поделени реакции за ефиканоста од онлајн учењето.
Од кабинетот на министерот Арбер Адеми за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека од сега, преку еден инклузивен пристап на креирање решенија се подготвуваат за постапување при секое евентуално сценарио, вклучително и за настава од далечина доколку ситуацијата го наложи тоа.
„Друго сценарио и најпосакувано е целосно нормализирање на наставата, односно спроведување на воспитно-образовниот процес како и до пред појавата на пандемијата, или пак, реорганизација на истиот преку редуцирање на бројот на ученици во училница, воведување смени во училиштата и слично“, велат од МОН.
Оттаму сметаат дека секако, наставата во училница е незаменлива и ниту еден друг начин на реализација на воспитно образовниот процес не е толку ефикасен и ефективен, каков што е процесот во кој физички присутни во една просторија се и наставниците и учениците, непосредно комуницираат и ја разработуваат и совладуваат наставната материја.
„Сепак, далечинското учење беше единствената опција која немаше алтернатива, за да продолжи и заврши учебната година, односно истата да не биде поништена и повторувана од септември. Сите училишта организираа далечинско учење и секако дека при креирањето на Концептот за развој на систем за далечинско учење во предвид се земени досегашните искуства на самите училишта, наставниците, учениците, родителите“, додаваат оттаму.
За Концептот кој беше објавен, Министерствотот вели дека земјава и институциите на системот во земјата мора да имаат изготвен Концепт за развој на систем за далечинско учење, кој би бил применлив не само во кризни ситуации како актуелната предизвикана од појавата и ширењето на вирусот ковид-19, туку и во секоја друга прилика кога за еден, повеќе или за сите ученици ќе има потреба да се организира далечинско учење доколку не посетуваат настава во училиште, поради каква било причина.
„Така што, изработката на овој документ не значи дека новата учебна година ќе започне и ќе се реализира исклучиво преку далечинско учење. Но, ние уште сега, преку еден инклузивен пристап на креирање решенија се подготвуваме за постапување при секое евентуално сценарио, вклучително и за настава од далечина доколку ситуацијата го наложи тоа“, ни одговорија од МОН.
На прашањето како ќе работат и факултетите, од Министерството велат дека начинот на кој ќе се реализира образовниот процес на високообразовните установи исто така зависи од ситуацијата на почетокот на академската година, која засега не може да се предвиди.
„Сепак, во координација со високообразовните установи, здравствените институции, органи и тела, како и експертската јавност, заедно ќе го дефинираме начинот за непречена реализација на академската едукација на граѓаните“, вели Министерството за образование и наука.
Б. НЕСТОРОСКА