ХОСПИТАЛИЗИРАНИ СО КОВИД-19 СЕ 71 ПАЦИЕНТ, ШТО Е НАМАЛУВАЊЕ ОД 13,4 ОТСТО ВО ОДНОС НА МИНАТАТА НЕДЕЛА

    ХОСПИТАЛИЗИРАНИ СО КОВИД-19 СЕ 71 ПАЦИЕНТ, ШТО Е НАМАЛУВАЊЕ ОД 13,4 ОТСТО ВО ОДНОС НА МИНАТАТА НЕДЕЛАOд цела популација, најмал број на заболени има кај децата до девет години, а најголем кај возрасната група над 60. (Фото: СДК.МК)

    Бројот на заболени, хоспитализирани и починати од ковид -19 и натаму опаѓа.Минатата недела биле тестирани 14.873 лица од кои 1.602 нови позитивни случаи од 30 градови во државата што е намалување за 5,4% во однос на претходната недела. Најголем дел од новозаболените се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, Делчево и Битола. Кај заболените доминира BA.2 сублинијата на омикрон. Оздравени се 1.706 лица или 4,6% помалку во споредба со минатата недела.

    Најголемо зголемување на бројот на заболени од коронавирус во однос на претходната недела има кај децата до девет години и изнесува 13,7 проценти, како и кај лицата од 10 до 19 години со 11,6 отсто, покажа Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 28 март до 3 април годинава.  Но, од цела популација најмал број на заболени има кај децата до девет години (58), а најголем кај возрасната група над 60.

    Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 272 реинфекции, со зголемување од 1,5% во однос на претходната недела. Инаку, од појавата на пандемијата до сега има вкупно 11.962 реинфекции, од кои девет завршиле со смрт.

    Пријавени се 12 смртни случаи во 8 градови што е за 45,5% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје. Вкупно досега регистрирани се 9.231 смртни случаи.

    Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 71 лице (13,4% помалку во споредба со претходна недела), од нив 27 се на кислородна поддршка (18,2% помалку во споредба со претходна недела), а 5 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (за 4 повеќе во споредба со претходна недела).

    Од ковид-19 вкупно се разболеле 306.711 жители. Најголем дел во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци. Највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци и Скопје. Највисок морталитет во Прилеп, Кавадарци и Охрид. Највисок леталитет во Струга и Крива Паланка.

    Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во 23 градови, со најголемо намалување во Демир Капија, Крива Паланка, Кратово, Радовиш и Тетово. Зголемување се забележува во Делчево, Пробиштип, Берово, Битола, Штип, Кавадарци и Неготино.

    Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги во предвид индикаторите на СЗО, Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 2, со соодветни капацитети за одговор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира