ЗА ЕДЕН ДЕН 730 ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ КОВИД-19, ВО САЛАТА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ЌЕ СЕ ПРИМААТ 5.000 ДНЕВНО, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЗА ЕДЕН ДЕН 730 ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ КОВИД-19, ВО САЛАТА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ЌЕ СЕ ПРИМААТ 5.000 ДНЕВНО, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕВо салата „Борис Трајковски“ ќе се вакцинираат околу 5.000 граѓани дневно. (Фото: Фејсбук профил на Венко Филипче)

    Седумстотини и триесет граѓани вчера се вакцинирале  со „АстраЗенека“ на пунктовите низ државата, соопшти Министерството за здравство. Дневно од 30 до 55 лица се вакцинирале во еден пункт.

    „Според податоците на Националниот систем Мој Термин, заинтересираноста помеѓу граѓаните над 77 години кои го започнаа процесот на вакцинација вчера е висока, односно само 2% од граѓаните кои имале закажано термин не ја примиле вакцината“, додава Министерството.

    Вакцинацијата на лицата кои спаѓаат во 1б групата стартуваше вчера во Скопје, односно во Поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци.

    Утре ќе започне и вакцинацијата во останатите градови: Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.

    Министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук објави дека се финализираат подготовките на салата „Борис Трајковски“ каде ќе се врши масовна вакцинација. Подготвени се  48 позиции за истовремено вакцинирање и капацитет да се вакцинираат околу 5.000 граѓани дневно.

    „Согласно планот ќе се работи во две смени од 08:00 до 20:00 часот. Вакцинацијата која вчера започна на вакциналните пунктови ширум државата се одвива одлично“, вели Филипче.

    • Вакцинацијата се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата.
    • Пунктовите работат од 8 до 20 часот секој ден од понеделник до петок.
    • Закажувањето на термин го прави матичниот лекар кој е должен на секој граѓанин да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спорведува вакцинација против ковид-19.
    • Лицата кои се вакцинираат против ковид-19 во земјава со себе мора да носат упат од матичен лекар и пополнет документ за согласност, кој е достапен на сајтот ковид19вакцинација.мк.
    • Лица помлади од 60 години во земјава нема да се вакцинираат против ковид-19 со вакцината на „АстраЗенека“.
    • Поради суспензијата за давање на оваа вакцина на лица под 60 години, во моментов е замрзнат и планот четири илјади вакцини од пратката од 24.000 дози од „АстраЗенека“ од почетокот на следната недела да се употребат за вакцинација на критичната државна инфраструктура во земјава. Во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира