ЗА ЕУ И НАТО ВЕЌЕ НЕМА ПРЕЧКИ ЗА ЕВРОАТЛАНТСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ НА МАКЕДОНИЈА

    ЗА ЕУ И НАТО ВЕЌЕ НЕМА ПРЕЧКИ ЗА ЕВРОАТЛАНТСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ НА МАКЕДОНИЈАПретседателот на Европскиот совет Доналд Туск кажа дека Ципрас и Заев го направиле невозможното возможно. - Од протестите во Грција и Македонија против договор за името (Фото: Ројтерс/СДК.МК)

    Постигнатиот договор за спорот за името меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев беше едногласно поздравен од ЕУ и НАТО. Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан изјавија дека очекуваат препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ по договорот за името.

    „Сега очекуваме од Советот да ја потврди нашата препорака од 17 април за отпочнување на пристапни преговори со поранешната југословенска Република Македонија во јуни. Тоа не само што е заслужено, како признание за значајните реформски резултати на земјата, туку ќе придонесе за целосна имплементација на договорот во интерес на двете земји, регионот и нашата Унија како целина“, стои во заедничката изјава на Могерини и Хан.

    Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск кажа дека Ципрас и Заев го направиле невозможното возможно.

    „Искрени честитки за премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев. Ги држам прстите прекрстени. Благодарение на вас, невозможното станува возможно“, напиша Туск на Твитер.

    Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг топло го поздрави историскиот договор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за името и ги повика двете страни да го финализираат договорот и додаде дека со договорот се отвора патот на Скопје до членство во НАТО.

    Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас кажа дека со решавањето на 25-годишниот спор за името отстранета е клучната пречка за НАТО и Европската унија.

    САД им честиташе на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за договорот за решавање на спорот за името, му се заблагодарија на посредникот Метју Нимиц и најавија дека се подготвени да го поддржат договорот, како што било побарано од двете земји.

    Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон рече дека е фантастична вест што премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнале договор за спорот за името.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира