ЗА ИЗГРАДБАТА НА ТРИТЕ КАТНИ ГАРАЖИ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ОДЛУЧУВА ПО ИЗБОРИТЕ

    ЗА ИЗГРАДБАТА НА ТРИТЕ КАТНИ ГАРАЖИ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ОДЛУЧУВА ПО ИЗБОРИТЕЕден од можните модели за финансирање на изградбата и одржување на паркиралиштата е јавно приватно-партнерство, со што би се барал можен инвеститор од приватниот сектор, а постапката ќе продолжи по претседателските избори, велат од Министерството за здравство; - Од блокадите на наплатните рампи во Клинички центар од вработените, лани во декември (Фото: СДК.МК)

    За изградбата на трите монтажни катни гаражи во кругот на Клиничкиот центар ќе се решава по завршување на претседателските избори на 5 мај, вели Министерството за здравство откако денес Независниот синдикат на вработените во Универзитетските клиники во соопштение до јавноста го потсети министерот за здравство Венко Филипче дека истекува рокот кој им го ветил за изградба на гаражите, со кои ќе се реши проблемот со паркирањето. Од Министерството за здравство велат дека во моментов е во завршна фаза разрешувањето на ова прашање со Град Скопје.

    „Анализата што ја изготвивме покажа дека е неопходна изградба на минимум три катни гаражи, за што се утврдени предлог-местоположбите, како и финансиски конструкции за изградба. Еден од можните модели за финансирање на изградбата и одржување на паркиралиштата е моделот на јавно приватно-партнерство, со што би се барал можен инвеститор од приватниот сектор. Студијата е презентирана пред Владата, но поради изборниот процес во нашата држава, донесувањето одлука за прифаќање на физибилити студијата е одложено од административни причини, сè до завршувањето на изборниот процес, по којшто постапката ќе продолжи. Вложуваме максимални напори за надминување на сообраќајниот метеж во кругот на Клинички центар“, велат од Министерството за здравство.

    Синдикатот, во соопштението денес го прозва министерот за неговото ветување дека со изградбата на катните гаражи картичката за паркинг за вработените во Клинички центар ќе биде бесплатна или нема да е повеќе од 200 денари месечно.

    „Ниту еден столб не е поставен на просторот предвиден за катни гаражи, а вредноста на картичката за паркинг за вработените во Клинички центар е зголемена од 300 денари на 800 денари, што за одредени  профили вработени е еднакво на процентот на покачување на јануарската плата“, вели Синдикатот.

    Независниот синдикат потсети и на ветувањата од премиерот Зоран Заев и министерот Филипче дека до 2020 основната плата на доктор во терциерно здравство ќе биде 100.000 денари и дека двојно ќе се зголемат платите на другите вработени, како и дека ќе има единствен Клинички центар.

    Од Министерството за здравство за ова велат дека платите на здравствените работници во континуитет се зголемуваат.

    „Почнувајќи од септември лани, за пет проценти им се зголеми основната плата на 19.123 вработени во јавните здравствени установи. Во јануари годинава имаше дополнително зголемување на платите за лекарите специјалисти и медицинските сестри. Наша заложба е платите на лекарите-специјалисти да изнесуваат 100 илјади денари до следната година, како што беше најавено“, велат од Министеството.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари