ЗА КРАЈ НА ОКТОМВРИ Е ПРВИОТ СЛОБОДЕН ТЕРМИН ЗА ЗАКАЖУВАЊЕ ЗА НОВИ ПАСОШИ, ЛИЧНИ КАРТИ И ВОЗАЧКИ СО „СЕВЕРНА“ ИЛИ „НМК“

    ЗА КРАЈ НА ОКТОМВРИ Е ПРВИОТ СЛОБОДЕН ТЕРМИН ЗА ЗАКАЖУВАЊЕ ЗА НОВИ ПАСОШИ, ЛИЧНИ КАРТИ И ВОЗАЧКИ СО „СЕВЕРНА“ ИЛИ  „НМК“Управните служби на МВР со сите свои капацитети ќе работат за викенди и за празници, за граѓаните навремено да ги добијат своите документи, уверува Министерството. (Фото: Архивска фотографија)

    Повикувачкиот центар на МВР за закажување термин за лични документи е пребукиран, но операторите се јавуваат по упорно вртење од неколку пати. Првиот слободен термин што можеше да се фати денеска, е околу 20 октомври. Во Министерството за внатрешни работи велат дека вака е секое лето, но додатно сега е и поради тоа што за 6 месеци истекува рокот на документите со името Република Македонија.

    „Она што е факт е дека во овој летен период е драстично зголемен обемот за вадење лични документи, на кој дополнително влијае и назначениот рок за замена на постоечките лични документи, согласно уставните измени. Тој рок истекува во февруари 2024 година, до кога согласно законските прописи, мора да се променат личните документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи) без оглед на роковите на нивна важност. Секој граѓанин може да закаже термин телефонски или електронски, а МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи“, уверуваат од МВР.

    По три вртења на броевите за закажување на термини се јави телефонската операторка, која прво праша за колку лица се бараат термини и дали се од исто семејство. Тоа е важно за да сликањето да биде во исто време (еден по друг), а не членовите на едно семејство да доаѓаат секој во различни денови или часови. Потоа прашуваат каде сакате да ги вадите новите лични документи.

    Натаму, следува прашање – кои видови на лични документи треба да ги замените, т. е. да извадите нови, бидејќи годинава оние што ваделе лични карти, возачки дозволи, пасоши, нови сообраќајни дозволи и нови регистарски таблички, веќе ја имаат додавката „Северна“ во името на земјата, односно  ознаката „НМК“.

    Потребно е уште пред да почнете да вртите на пребукираните телефонски линии да ги имате пред себе вашите лични документи, како и тие на децата, за да ги дадете на операторот името, презимето и матичниот број. Оттаму ви укажуваат прецизно да запишете: датум, час, кабина за фотографирање за секого поединечно, ако се јавувате за повеќе членови од семејството.

    Во позадина гласно зборуваат уште 11 оператори, па треба внимателно да се сослушате со вашиот, кога ги зема податоците од вас.

    За да се закаже онлајн термин за пасош, лична карта или возачка, поефикасно е да се корист сатјот за e-Услуги (https://uslugi.gov.mk ), а не тој на МВР. За разлика од сајтот на МВР кој ви дава да одберете термин па ви кажува дека не е слободен, на e-Услуги автоматски ви го дава првиот нареден слободен термин.

    Македонските граѓани од странство може да се јавуваат на економскиот оператор од надвор, а закажувањето е исто како преку овдешните линии. А ако не сакаат тука во Македонија да обновуваат лични документи, може тоа да го сторат во странство преку амбасадите кои имаат базни станици каде што може да се сликаат.

    Вака ќе биде цело лето, ќе се работат и саботи и недели, и празници, вели МВР. Огромен е напливот за закажување термини за нови лични документи, граѓаните се исплашени дека нема да стасаат да ги сменат своите лични карти, пасоши, возачки, таблички, и оти ќе плаќаат казни, а без нови пасоши нема да мрднат од државава после февруари.

    Во редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК се јавуваат или пишуваат е-пошта револтирани граѓани кои тврдат дека системот за закажување термини во МВР не работи. Дури се сомневаат дека во моментов може да се закаже само преку врски.

    „За закажување термин за аплицирање за лични документи, а по направените проверки, ве информираме дека не постои застој во нормалното функционирање – ниту на економскиот оператор кој што за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, ниту пак во организационите единици при Одделот за граѓански работи, кои дневно примаат повеќе стотици апликации од граѓани за различни видови лични документи“, уверуваат од МВР.

    До февруари 2024, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира