ЗА МИЦКОСКИ, НАПАЃАЧИТЕ НА СОБРАНИЕТО СЕ УСТАВОБРАНИТЕЛИ И ЧЕСНИ ЛУЃЕ, ЗАЕДНО СО РАКОВОДСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ ПРОТЕСТИРАШЕ ЗА НИВНО ОСЛОБОДУВАЊЕ

    ЗА МИЦКОСКИ, НАПАЃАЧИТЕ НА СОБРАНИЕТО СЕ УСТАВОБРАНИТЕЛИ И ЧЕСНИ ЛУЃЕ, ЗАЕДНО СО РАКОВОДСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ ПРОТЕСТИРАШЕ ЗА НИВНО ОСЛОБОДУВАЊЕНа протестот се кажа дека осудените за нападот на Собранието се патриоти, а не терористи и неприфатливо да бидат осудени за терористичко загрозување на уставниот поредот. (Фото: К. Попов)

    По повод четиригодишнината од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, денеска ВМРО-ДПМНЕ протестираше во одбрана на осудените лица барајќи да бидат ослободени бидејќи смета дека тие биле бранители на Уставот. Официјално протестот за одбрана на уставобранителите, како што беше објавено на социјалните мрежи, е во организација на македонски организации од Европа, Америка, Канада и Австралија, а како што кажаа од ВМРО-ДПМНЕ, тие само го поддржуваат протестот.

    Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој заедно со партиското раководство беше дел од протестот, на својот фејсбук профил напиша дека бара ослободување на уставобранителите бидејќи „тие се чесни граѓани, а не терористи“.

    „Не смееме да премолчиме неправда, затворот на правдина е најтежок, а општеството не смее да дозволи импровизации. Даваме поддршка и бараме ослободување на уставобранителите, тие не се и не можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

    На протестот, македонската химна ја изведоа оперскиот пејач Игор Дурловски и пејачката Андријана Јаневска. Дурловски беше еден од обвинетите за напaдот на Собранието, но беше ослободен.

    Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој заедно со партиското раководство беше дел од протестот. (Фото: К. Попов)

    Протестот почна пред Владата, а потоа учесниците се упатија кон Собранието. Таму говореше актерката Арна Шијак, која рече дека патриотите не се терористи и неприфатливо да бидат осудени за терористичко загрозување на уставниот поредот. На протестот се бараше и оставка од премиерот Зоран Заев и предвремени парламентарлни избори.

    ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски никогаш во овие 4 години не го осудија организираниот напад на Собранието, ниту се оградија од него.

    Од СДСМ соопштија дека со поддршката на денешниот протест „ВМРО-ДПМНЕ стои на браникот на криминалот и криминалците“.

    Демонстрантите во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 со шипки и столици удираа по пратениците и новинарите. Нападите беа против пратениците од СДСМ, при што лидерот Зоран Заев заврши со раскрвавено чело, а пратениците Максим Димитриески и Дамјан Манчевски имаа видливи повреди на главата. Најтешко повреден беше пратеникот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите кои го влечеа низ собраниските ходници.  (Фото: Г. Трпеноски)

    • Демонстрантите во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 влегоа внатре и со шипки и столици удираа по пратениците и новинарите. Нападите беа против пратениците од СДСМ, при што лидерот Зоран Заев заврши со раскрвавено чело, а пратениците Максим Димитриески и Дамјан Манчевски имаа видливи повреди на главата. Најтешко повреден беше пратеникот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите кои го влечеа низ собраниските ходници.
    • За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017, судијката Добрила Кацарска на 15 март 2019 во Основниот суд Скопје 1 на 16 обвинети им изрече вкупна казна од 211 години затвор.
    •  Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како тогашна златна команда за протестите пред Собранието и за време на нападот, осуден е на 18 години затвор. Митко Пешов од МВР доби 15 години затвор. Душко Лазаров од МВР осуден е на 15 години. Горан Ѓошевски-Леви, тогашен шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски е осуден на 15-годишна затворска казна. Оливер Поповски од МВР на 13 години, неговиот колега Оливер Радулов, на 10-годишна затворска казна. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање доби 15 години, а Абдуљфета Алими доби 7 години затвор. Игор Дурловски, еден од водачите на протестите За заедничка Македонија, доби ослободителна пресуда.
    • Од напаѓачите со фантомки, Младен Додевски доби 12 години. Јане Ченто доби 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години. Игор Југ кој носел оружје и кој според сведоците и според некои кообвинети, требало да го убие Зоран Заев, осуден е на 12 години затвор. Влатко Трајковски доби 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митревски-Кољо 15 години, Александар Василевски-Нинџа 8 години.
    • Не смееше да се случи 27 април, крвавиoт четврток во Собранието, рече судијката Добрила Кацарска пред да ги соопшти пресудите. За жал, рече таа, го видовме и срамното однесување на полицијата. Се шетаа низ Собранието, се досадуваа додека безмилосно беа претепувани пратеници, новинари, собраниското обезбедување. Некои од нив пиеја вода, им даваа на насилниците.

    „Недолично беше личното обезбедување на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски-Леви, да ја води толпата заедно со Никола Митревски-Кољо. Оливер Поповски од МВР гледа како лежи тешко повредениот Зијадин Села, како го тепаат уште и ништо не презема. Мунир Пепиќ го удира Села. И Јане Ченто го удира Села, а потоа и Заев.И Вилијам Михајловски го удира онесвестениот Села“, потсети Кацарска на снимките кои беа прегледувани како докази во текот на судењето.

    Тогашната пратеничка и заменик-претседателка на СДСМ Радмила Шеќеринска имаше хируршка интервенција на главата поради повредите што ги доби кога беше нападната во Собранието при упадот на толпата на 27 април 2017 . (Фото: Радио Слободна Европа/принтскрин)

    • На 12 февруари 2021, по жалбите на 16-темина обвинети за нападот Апелациониот суд Скопје делумно ги потврди првостепените пресуди за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. На Митко Чавков Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор, а обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо се осудуваат на казна затвор во траење од по 14 години. Понатаму, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски се осудуваат на казна затвор во траење од по 13 години. Апелациониот суд ги осуди обвинетите Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на казна затвор во траење од по 11 години, обвинетиот Оливер Радулов на 9 години, обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на 7 години и обвинетиот Абдуљифета Алими на 6 години.
    • Во Основниот кривичен суд од 21 февруари 2020 во тек е судењето за организација на нападот во Собранието, каде што обвинети се Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски. Осомничени во случајот беа и експремиерот Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, но тие се во бегство и не се најдоа во обвинението, а ќе бидат обвинети ако некогаш бидат достапни.
      Груевски, кој од 13 ноември 2018 е избеган во Будимпешта и има азил во Унгарија, со објава на Фејсбук го поддржа денешниот протест.

    Оперскиот пејач Игор Дурловски доби ослободителна пресуда во процесот за насилствата за време на организираниот напад на Собранието – архивска фотографија од 27 април 2017 . (Фото: СДК.МК)

     

    • Од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, во јануари 2019 амнестија добија пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски од „За заедничка Македонија“, Иван Цветановски, Елена Доцевска-Божиновска, браќата Михаил и Стефан Младеновски, Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски.
    • Амнестија за нападот на 27 април не побараа Митко Чавков и Душко Лазаров од МВР, Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“, Јане Ченто и Игор Југ, а одбиени им беа барањата на Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски-Ќосето, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира