ЗА ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ БЕЗ ТЕСТОВИ И КАРАНТИН ТРЕБА ДА СЕ ДОГОВОРИМЕ СО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ЗА ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ БЕЗ ТЕСТОВИ И КАРАНТИН ТРЕБА ДА СЕ ДОГОВОРИМЕ СО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМинистерот кажа дека преку амбасадата на Јапонија, како донација добиен е лек „авиган“ за 100 пациенти кој, како што рече, иако не е одобрен, се покажал добар за лекување на КОВИД-19. (Фото: К. Попов)

    Комисијата за заразни болести донесе одлука да се отворат казината и автомат клубовите, да профункционира јавниот превоз во Тетово, а на крајот на неделава, со строги протоколи да се отворат теретаните и фитнес-клубовите, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Денес и утре, додаде тој, ќе се разговара за отворање на границите и под кои услови ќе биде тоа.

    „Нашата анализа покажува цел регион е во ист епидемиолошки ризик. Утрово имавме дискусија, ќе продолжиме и утре и ќе донесеме одлука. Денеска ќе разговараме и со министерствата за здравство во околните земји. Во однос на тоа дали и ние ќе бараме тестови ако при влез на една земја од наши граѓани се бара тоа, можам да кажам дека тоа ќе биде една од темите. Има и други опции, како на пример потпишување на документи за следење, што на почетокот на коронкризата се практикуваше во авион“, рече тој.

    Министерот кажа дека преку амбасадата на Јапонија, како донација добиен е лек „авиган“ за 100 пациенти кој, како што рече, иако не е одобрен, се покажал добар за лекување на КОВИД-19.

    „Станува збор за антивирусна терапија, која во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата од 2014, но, и натаму не е одобрен да биде лек за коронавирус. Во тек се бројни студии, и од искуство веќе има добри резултати. Ова е лек што се користи, ‘оф-лејбл’, а за да биде дефинитивно потврден, односно конкретно за КОВИД-19, треба да завршат клиничките студии. Има добри резултати во земјите, се препишува после строга индикација, после долги анализи на крвта, анализи кои се прават во нашите болници“, кажа министерот.

    За најавата дека јавно ќе бидат објавени имињата на лицата кои одбиваат да ги примат решенијата за самоизолација, Филипче рече дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) преку пошта се испратени околу 400, се чека испратница, а за 30 е стигнато назад дека не се доставени.

    „Ќе почекаме уште некој ден-два, мораше прво да се искористи овој механизам, согласно законот за општо-управна постапка“, кажа министерот.

    Филипче кажа дека според статистиките на Институтот за јавно здравје, оо 12 до 29 јуни, најголем број на новодијагонстицирани лица има во Скопје, 58.3 проценти и 14.2 од Тетово, и со тоа рече тој, се докажа дека овие два града се најголеми жаришта во земјава.

    Најмногу заболени има на возраст на 60 години, но и 19.4 проценти се на возраст од 30-39 години. Највисока смртност има кај лица над 60 години, 83.1 процент, најголем дел се со хронични заболувања.

    Вкупно ковид дијагностицирани во земјава има 5.196, оздравени се 1.974, починати се 247, а активни случаи има 2.975.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира