ЗАБОРАВЕНАТА СУДНИЦА ОД 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“ ЌЕ ПРОРАБОТИ ЗА „СИНЏИР“ СО 32 ОБВИНЕТИ ЗА ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ 8 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЗАБОРАВЕНАТА СУДНИЦА ОД 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“ ЌЕ ПРОРАБОТИ ЗА „СИНЏИР“ СО 32 ОБВИНЕТИ ЗА ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ 8 МИЛИОНИ ЕВРАСудницата во „Идризово“ уште официјално не е предадена на Кривичниот суд Скопје иако е најмалку трипати свечено отворена. (Фото: СДК.МК)

    Судницата во затворот „Идризово“ чие опремување чинеше 1,3 милиони евра и е најмалку трипати свечено отворена, уште не е целосно спремна за пуштање, но според најавата на Кривичниот суд, пајажините во неа ќе се исчистат за предметот „Синџир“. Овој голем предмет за даночно затајување и перење 8 милиони евра, а кој е со 32 обвинети, ќе се суди во заборавената судница во овој затвор.

    Таа требаше одамна да почне да се користи, но сè уште затворските комбиња со притворени или со осудени лица во друг предмет се паркираат пред судовите. Место овие обвинети – лица кои се на издржување затворски казни, или притворени лица, да се носат директно во судницата во „Идризово“ опремена на највисоко безбедносно ниво, но и да се спречат високите трошоци за спровод и гужвите низ Скопје, објектот зјае празен со години.

    Судницата со придружните простории поставени по светски стандарди, не е ни предадена во владение на Основниот кривичен суд Скопје.

    „Судницата за која прашувате официјално не е предадена во владение на Основниот кривичен суд Скопје, но и покрај тоа, судот досега неколку пати ја користел за одржување на главни расправи за притворски предмети, со дозвола на повисокиот суд, а согласно член 346 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Така, конкретно за предметот со КОК 61/24 во јавноста познат како ‘Синџир’, на последната расправа беше најавено дека дел од идните расправи, ако се добие дозвола, ќе се одржуваат токму во судницата во КПУ ‘Идризово’, со оглед да се работи за обемен предмет по број на странки“, одговори Кривичниот суд за САКАМДАКАЖАМ.МК зошто суперопремената судница во „Идризово“ уште не проработела.

    Судот треба да добие дозвола од Управата за извршување на санкциите. Оттаму ни одговорија дека иако инфраструктурно објектот сè уште не е готов, нема патеки до него, нема изграден т. н. Централен притвор со над 400 кревети и слично, сепак судења може да се одржуваат во неа. Секако, таа треба да се поврзе со електронскиот систем за распределба на судските предметите (АКМИС) и слично.

    Проблемот, велат во Управата за санкции, е што таа фаза за доуредување и инфраструктура на судницата која е засебен објект, е врзана со втората фаза од доградбата на „Идризово“, за која има пари, но која била прекината поради предизборната кампања и изборите.

    Новиот министер за правда Игор Филков, вчера во првата посета на затворот не ја спомена заборавената судница со голем капацитет за обвинети и публика.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира