ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ДА БАРААТ РЕШЕНИЈА ЗА БУГАРИЈА ДА НЕ ЈА БЛОКИРА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ

    ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ДА БАРААТ РЕШЕНИЈА ЗА БУГАРИЈА ДА НЕ ЈА БЛОКИРА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУTелефонскиот разговор меѓу Заев и Борисов доаѓа два дена по состанокот на амбасадорите на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР), на кој Бугарија одби да даде поддршка за усвојување на преговарчката рамка за почеток на преговорите на Македонија и со тоа го го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство; - Премиерите на Бугарија и Македонија во Струмица на отварањето на споменик на бугарски генерал од Првата светска војна на 1 август 2019 (Фото: СДК.МК)

    По блокадата од страна на Бугарија за преговарачката рамка на ЕУ за почеток на пристапните преговои со Македонија во петокот, премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов имале телефонски разговор на кој договориле дека ќе продолжат да бараат решение за проблемот, соопшти Кабинетот на претседателот на Владата.

    „Премиерите Заев и Борисов изразија меѓусебно уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции. Договорија уште еден телефонски разговор за утрешниот ден, на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во рамки на Самитот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн“, соопштија од Владата.

    Премиерот на Бугарија Борисов се лекува од ковид-19 и затоа не не знае дали ќе биде во можност да биде присутен на Самитот. Собирот на шефови на држави и премиери на земјите од Западен Балкан е во рамките на иницијативата Берлински процес на германската канцеларка Ангела Меркел од 2014 за подготовка на земјите од регионот да се приближат кон ЕУ и секоја година се одржува во друга земја. Годинава, претседавачи на Берлински процес се токму Бугарија и Македонија.

    Телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери доаѓа два дена по состанокот на амбасадорите на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР), на кој Бугарија одби да даде поддршка за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите на Македонија, и со тоа го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство. Овој член вели дека Бугарија треба да ја поддржува Северна Македонија на патот кон ЕУ.

    Премиерот Заев кажа дека ваквата блокада е непријателска порака од Бугарија, но смета дека има надеж бидејќи Советот за општи работи на министрите на ЕУ (ГАК) на кој треба да се прифати преговарачката рамка за почнување на пристапните преговори, е одложен за 17 наместо на 10 ноември.

    Пред состанокот на КОРЕПЕР, во понеделникот со посредство на Германија во Берлин состанок имаа министерите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, на кој исто така не беше најдено решение. По состанокот бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева изјави дека Бугарија не е подготвена да одобри почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија, додека земјава не признае дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира