Лидерот на СДСМ Зоран Заев од утре ги почнува разговорите за формирање на новата влада. Од СДСМ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека денеска Заев завршува со летниот одмор и се враќа во Скопје на работните обврски.
„Претседателот Заев е на одмор во Струмица и на уште неколку други локации. Одморот го поминува со неговите деца, сопругата и семејството во приватна организација. Денеска се враќа во Скопје и од утре ќе започне разговори за формирање на новата влада“, велат од СДСМ.
Заев кој е најсериозен кандидат за премиер, на 17 јули, два дена по одржувањето на парламентарните избори кажа дека заминува на летен одмор кој ќе го мине во државата, а новата влада ќе ја прави по Илинден. На 22 јули на својот фејсбук профил објави фотографии од преспанското село Љубојно и напиша ‘дома си е дома, дома е и во Љубојно’.
Тој како претседател на СДСМ не се појави на ниту еден од настаните и свеченостите за одбележување на Илинден.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не размислува за летен одмор, велат од партијата.
„Периодот кој следи ќе го искористи работно во партијата. Доколку се одлучи да оди на одмор ќе биде секако во некое од домашните туристички места и ќе бидете навремено известени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Стево Пендаровски до сега не бил на одмор, но планира, со семејството да помине неколку дена во Охрид во текот на месец август.
Од Кабинетот на премиерот не одговорија дали и каде одмарал Оливер Спасовски, кој на Илинден се појави на прославата во Скопје.
Спикерот на Собранието Талат Џафери е дома, откако денеска тој по лекувањето на бронхопневмонијата, ја напушти Инфективната клиника. Најавува дека тој ќе ја води утре конститутивната седница на Собранието, која почнува во 12 часот.
Од министерите во Владата во моментов на одмор е министерот за здравство Венко Филипче. Од неговиот кабинет не одговорија на нашето прашање каде летува, туку само дека е со семејството и утре се враќа на работните обврски во министерството. Филипче последен пат во јавност се појави на 23 јули на промоција на реновираните одделенија на Клиниката за нефрологија. По почетокот на изборната кампања за парламентарните избори нема одржано ниту една тематска прес-конференција за коронавирусот иако секој ден на својот фејсбук профил објавува информации за ковид-19 и совети како за време на летниот одмор граѓаните да се заштитат.
Министрите во Владата со кои контактираше САКАМДАКАЖАМ.МК ни рекоа дека сѐ уште не биле на летување, а доколку одат тоа ќе биде неколку дена во нашите туристички места.
Министерката за финансии Нина Ангелсовска вели дека сѐ уште нема план за одмор. „Ако имам прилика би искористила неколку дена, но, сигурно ќе поминам дел од одморот во семејната куќа во село Брајчино, како и секоја година и кога сум имала план за одмор на други дестинации. Од таму би посветила неколку дена на истражување на многуте места кои ги немам посетено во нашата земја. За мене идеален одмор е оној кој вклучува спортски активности, а нашата земја нуди многу такви можности. Би одбрала планинарска или велосипедска тура. Во ова корона време можностите за индивидуален туризам во мали групи кои ги нуди македонскиот алтернативен туризам се навистина големи. Верувам дека и ние ќе ги препознаеме и искористиме како што многу странци ги препознаваат“, ни рече Ангеловска.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој од утре е пратеник во новиот состав на Собранието сѐ уште не бил на летен одмор, а во моментов нема ни конкретни планови каде и кога евентуално би одел.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека ќе користи неколку дена одмор, или продолжен викенд, по Илинден, најверојатно во Маврово, доколку тоа го дозволат работните обврски. И таа утре треба да се појави на првата седница на новото Собрание.
Министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ во моментот е во изолација по добиениот позитивен тест на ковид-19. Планира во втората половина на август да замине на летување, но сѐ уште не знае каде.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски од утре по завршување на конститутивната седница на Собранието една недела ќе биде ќе биде во Охрид и Преспа.
Од Кабинетот на вицепремиерката Мила Царовска велат дека таа во моментот е на работа и ги извршува работните активности. Таа вели дека летниот одмор ќе го користи во неколку пократки интервали и продолжени викенди низ туристичките места во државата.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески планира во текот на месец август да помине неколку дена со семјеството во земјава.
Вкупно 117.122 граѓани со ниски приходи беа на списокот за ваучери за домашен туризам, согласно листата која што Министерството за економија ја доби од Управата за јавни приходи. На листата на добитници на ваучер, се сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно или вкупно 60.000 денари во периодот од јануари до април 2020 година. Ваучерите се во вредност од 6.000 денари за смештај, плус 3.000 денари на платежна картичка за користење во угоститителски објекти.
А. АНТЕВСКА