ЗАЕВ СЕ КОНСУЛТИРА СО ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ДАЛИ ДА ДАДЕ ОСТАВКА

    ЗАЕВ СЕ КОНСУЛТИРА СО ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ДАЛИ ДА ДАДЕ ОСТАВКАЕвропските лидери во телефонски разговори на Заев му кажале дека земјава е спремна па почне пристапни преговори, но за жал некои земји во ЕУ не се подготвени. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев се консултира со европските лидери за понатамошните одлуки, откако денеска Македонија не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ поради ветото на Франција. Од Владата брифираат дека во тек се консултации на различни нивоа, а  одлуките се носат исклучиво имајќи ги предвид  највисоките интереси на државата и на граѓаните. Европските лидери во телефонски разговори на Заев му кажале дека земјава е спремна па почне пристапни преговори со ЕУ, но за жал некои земји не се подготвени.

    „Премиерот оствари комуникација и со премиерите на Германија, Шведска, Бугарија, Словенија, Малта и други европски лидери, вклучително и со еврокомесарот Јоханес Хан. Од сите европски лидери стигна јасна порака, со поддршка државата да продолжи по патот по кој тргна, да продолжи со реформите и интеграциите. Сите оддадоа јасно признание за сите чекори кои ги презеде Северна Македонија и дека земјата и граѓаните се целосно подготвени, но дека неколку земји на ЕУ не се подготвени“, брифираат од Владата.

    Од таму додаваат дека штом бидат донесени конечните одлуки, јавноста веднаш ќе биде информирана.

    Како што објави утрово САКАМДАКАЖАМ.МК по ветото на Франција и недобивањето на датум за почеток на преговорите премиерот Зоран Заев размислува да поднесе оставка и да го врати мандатот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари