ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА ОТСЕЧЕНА ОД СНЕГ, МВР АПЕЛИРА ДА НЕ СЕ ТРГА НА ПАТ

    ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА ОТСЕЧЕНА ОД СНЕГ, МВР АПЕЛИРА ДА НЕ СЕ ТРГА НА ПАТОд Управата за хидрометеоролошки работи велат дека врнежите на снег кои ја зафатија Западна Македонија ќе престанат утре.(Фото:Аматерски фотофрафии)

    Врнежите од снег во западните делови на земјава, попладнево ги отсекоа од сообраќај дел од патиштата. Забрана за движење на тешки и на патнички возила има кон планинскиот превој Буково.  Како што јавува дописникот на САКАМДАКАЖАМ.МК од Охрид, патот од Охрид кон Ресен и Битола од попладнево е затворен за секаков вид сообраќај, а полицијата има поставено контролни  пунктови на излезот од градот кон Ресен, но и во насока кон Кичево каде што ги предупредува возачите.

    Од Министерството за внатрешни работи апелираат на магистралните патишта Охрид-Кичево и Охрид-Ресен да се вози при исклучителна нужност, со цел да се избегнат евентуални несакани последици.

    “Полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, поставија сообраќајни контролни пунктови кај Подмолје на магистралниот пат Охрид-Кичево и кај ЕМО во близина на селото Косел на магистралниот пат Охрид-Ресен. На овие патни правци не се дозволува движење на тешки товарни возила, а посебно напоменуваме дека забраната за движење се однесува и на патничките моторни возила“,изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

    Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека врнежите на снег кои ја зафатија Западна Македонија ќе престанат утре. На планините ќе има провејување на снег, но тоа ќе биде повремено и без можност да се создаде нова снежна покривка.

    „Според податоците до 16 часот во Маврово се измерени 55 сантиметри снежна покривка, во Пожаране 37, Лазарополе 25, Ѓуриште 19, Тетово 8, Берово 5 и во Охрид 2 сантиметри снег. Од утре времето ќе се стабилизира, од четвртокот се очекуваат врнежи на дожд, со утрински температури од минус 7 до нула, а дневни до 8 степени“, велат од Хидрометеоролошки завод.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари