ИСТРАГАТА „ПАЦИЕНТ“ ЗАПРЕНА ЗА БУЈАР ОСМАНИ, ОСТАНУВААТ ОСОМНИЧЕНИ УШТЕ 13 ЛИЦА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ИСТРАГАТА „ПАЦИЕНТ“ ЗАПРЕНА ЗА БУЈАР ОСМАНИ, ОСТАНУВААТ ОСОМНИЧЕНИ УШТЕ 13 ЛИЦА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОИстрагата СЈО ја отвори на 10.10.2018 година, за избор на најповолен понудувач за реконструкција на болници низ државава, кога всушност бил избран најскапиот, за што беше осомничен Бујар Османи како министер за здравство во 2010 година (Фото: СДК.МК)

    По 20-месечна истрага против вицепремиерот Бујар Османи отворена од Специјалното јавно обвинителство, именувана „Пациент“, за злоупотреба на службената положба додека бил министер за здравство во владата на Никола Груевски, Обвинителството ја запре постапката против него. Османи пред еден час објави на Фејсбук профилот.

    Според потврдата од Обвинителството, за делот за кој Османи се сомничел, немало докази. Односно, според неофицијалниот брифинг за САКАМДАКАЖАМ.МК, тоа за кое се товарел, не ни било негова надлежност, туку на други одговорни лица во Министерството за здравство.

    Така, Бујар Османи се спаси, но истрагата продолжува за уште 13-ина лица, негови поранешни колеги.

    Истрагата СЈО ја отвори на 10.10.2018 година. Како што кажа тогаш ова обвинителство, станува збор за основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ земјата.

    Постои основано сомнение дека во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на тогашната комисија за јавни набавки во Министерството, при вршење на јавна набавка за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда. А за Османи СЈО рече дека како министер за здравство, место да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија.

    „Осомничените членови на комисијата, го фаворизирале понудувачот ГБС – Благоевград, и покрај тоа што знаеле дека овој понудувач не ги исполнувал условите од тендерската документација, односно не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а во предмер пресметките кои се составен дел на понудите, не направиле ниту точен збир на податоците, поради што не утврдиле дека понудата на Ингра Загреб е за 637.303,00 денари поевтина од онаа на ГБС Благоевград. Иако сето ова му било познато и на министерот за здравство, тој не го одбил предлогот туку донел решение и ја избрал понудата на ГБС Благоевград како најповолна, и покрај тоа што вредноста на понудата е поголема од проценетата вредност по јавната набавка и на правниот субјект му овозможил имотна корист во износ од 21.604.150,59 денари“, рече тогаш СЈО.

    Овој тендер бил склучен во 2010 година.

    Во овој предмет има осомничени и за конкретни тендери. Едниот е од 2013 година за ЈЗУ Клиничка болница Тетово, каде е причинета штета на Буџетот на РМ во вкупен износ од 719.470,00 денари, а за правното лице ИНГРА Загреб-Подружница Ингра во Скопје прибавиле имотна корист во висина од 6.005.461,00 денари.

    Другиот е од 2012 година, за реконструкција на болницата Чаир, каде повторно во корист на бугарската ГБС Благоевград, причинета е штета на државниот Буџет во вкупен износ од 1.568,828 денари.

    За конкретните јавни набавки за реконструкција на болниците, Османи не беше споменат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира