Денска околу 6 часот одрон предизвикан од големи наноси на вода го поплавија регионалниот пат Росоман-Прилеп. Одронот е предизвикан поради обилните врнежи од дожд кај местото „Трите ленти“ и патот е затворен за сообраќај. Како што велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и ЈП „Македонија пат“, фирмата која работи на изградба на новиот експресен пат работи на расчистување на потегот.
Станува збор за делот од втората фаза на експресниот пат Градско-Прилеп, од Дреново до Фаришка клисура, каде градежните работи ги изведува компанијата „Синохидро“.
„Тој дел од патот во моментов се прави и поради тоа фирмата која го гради има обврска да го одржува и да интервенира при вакви појави. Ние сме во постојан контакт, во моментов таму се работи на расчистување на одронот и се прави канал за да се насочи водата. Се очекува околу 13 часот, доколку нема нови неповолни временски услови, патот да биде прооден“, вели директорот на ЈП „Македонија пат“ Костадин Ацевски.
Како алтернативен пат додека се расчисти одронот и водата за коли и лесни товарни возила може да се користи патот преку Богомила, велат од „Макеоднија пат“.
А. АНТЕВСКА