ЗБОРОВИ НЕ НИ СЕ ДОВОЛНИ, НЕ Е ЛОШО ДА ИМА НЕШТО И НА ХАРТИЈА, ПЕНДАРОВСКИ ПОБАРА ПИСМЕНИ ГАРАНЦИИ ЗА БУГАРСКИТЕ БАРАЊА

    ЗБОРОВИ НЕ НИ СЕ ДОВОЛНИ, НЕ Е ЛОШО ДА ИМА НЕШТО И НА ХАРТИЈА, ПЕНДАРОВСКИ ПОБАРА ПИСМЕНИ ГАРАНЦИИ ЗА БУГАРСКИТЕ БАРАЊА„Замислете, за 6 месеци некоја следна Бугарска влада или истава да каже сега бараме уште нешто“, кажа Пендаровски и побара цврсти гаранции и од ЕУ; - од средбата со Шарл Мишел во Охрид. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот на државата Стево Пендаровски, на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид, на новинарско прашање околу бугарското барање за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, побара писмени гаранции од страна на Европската Унија и Софија дека барањето на Бугарија е последно и таа гаранција да биде писмено дадена.

    „Замислете, за 6 месеци некоја следна Бугарска влада или истава да каже сега бараме уште нешто“, кажа Пендаровски и побара цврсти гаранции и од ЕУ.

    „Бараме цврсти политички гаранции и од Европската Унија, не само од Софија, дека тоа ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем. Ако преговарачката рамка има формулација дека ова е последното бугарско барање, тогаш немаме проблем со тоа. На Балканот ние сме изгорени многу пати, меѓу нас сме имале турбулентна историја и најчесто политичката реторика или само зборовите не ни се доволни. Не е лошо нешто да се има и на хартија“, рече Пендаровски.

    Пендаровски кажа дека во земјата има политичка волја за тоа, но дека постојат технички пречки за да се реши тоа прашање во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на 23 јуни во Брисел.

    „Ние знаеме дека за една недела е невозможно да се смени Уставот. Има политичка волја, но не е возможно технички да се спроведе тоа за помалку од три месеци“, рече Пендаровски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира