Судијата Иван Џолев од Судот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1, поднел кривична пријава против претседателот на Основниот суд Скопје 1 за кривично дело поврзано со влијание врз судија, со цел да преземе одделни незаконити дејствија поради влијание. Според соопштението од Џолев, кое вечерва го објавија неколку медиуми, тој вели:
„Поради сензитивноста на ситуацијата, нема да го откријам идентитетот, ниту пак ќе ги кажам иницијалите на судијата против кој ја поднесувам кривичната пријава. Сепак, сметам дека е потребно јавноста да ја запознаам со тоа дека поднесената кривична пријава се однесува за кривично дело поврзано со вилијание врз судија, за да преземе одделни незаконити дејствија“. Во соопштението Џолев додава дека настапува „како граѓанин и судија на Кривичниот суд, кој се залага за владеење на правото и правната држава, а во смисла на членот 103 од Судскиот деловник“.
Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека не знае дали судија од Основниот суд Скопје 1 поднел кривична пријава до Јавното обвинителство, против претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски или против некој од судиите од Кривичниот суд, бидејќи, како што вели, вечерва се враќа од службен пат.
“Првпат слушам од вас дека имало вакво нешто. Нека поднесе кривична пријава слободно, кој и да е судијата. Има првостепени инстанци во Обвинителството кои ќе постапат. Има судови во оваа држава“, ни изјави во врска со ова Зврлевски.
Во соопштението судијата Џолев, кој работи во одделот за јавен ред и мир, вели:
“Верувам дека Јавното обвинителство сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ќе преземе процесни дејствија во врска пријавата. Верувам и во судството и во Кривичниот суд, во моите колеги и верувам дека овој преседан, односно исклучок, само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно законите и се залагаат за владеење на правото“.
Судијата Џолев вечерва не одговара на телефонските повици.
Претседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски ни изјави дека не знае дали против него е поднесена или ќе биде поднесена кривична пријава и не знае поради што, бидејќи две години речиси и не го видел колегата Иван Џолев.
“Ако некој судија му вршел притисок, требало мене да ми се пожали. Ако сум му вршел притисок јас, требало да ме пријави кај повисок суд, во Судскиот совет или во комисијата за утврдување факти. Не сум го видел скоро две години, освен на проширени обавезни состаноци, не знам како сум можел да му вршам притисоци“, вели Панчевски.
Колеги на Џолев велат дека е можно да поднел пријава против Панчевски, бидејќи бил измалтретиран од него и долго време “му го собирал“.
“Судии од Основниот суд поднесуваат поплаки до Судскиот совет против Панчевски, но Судскиот совет не мрда со прст. Прашајте го претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски колку поплаки од судии од Основниот суд Скопје 1 стигнале годиниве против Панчевски, и за какви притисоци од него се жалеле судиите од овој суд. Прашајте за распределбата на предметите, за насоките од негова страна како да водиме истрага, какви одлуки да носиме“, упатуваат судии од Кривичниот суд.
Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски вечерва не е достапен за коментар.
Други судиски колеги, пак, велат дека со оглед на тоа што деновиве се затвори огласот за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1, Џолев, сеедно дали се кандидирал или не, влегол во кампања против Панчевски, одлучувајќи сега, на крајот на неговиот мандат што истекува следниот месец, да ги обелодени сите незадоволства од него како претпоставен и сите притисоци што ги чувствувал како судија.
Ако се процесира кривичната пријава против Панчевски, истрага ќе се води најверојатно во Основниот суд Битола, бидејќи Основниот суд Скопје 1 чиј претседател е пријавениот, ќе мора да се изземе, како што е вообичаено во вакви случаи.