МВР соопшти дека останува во зградата на владината компанија М-НАВ да ја обезбедува затоа што е загрозена безбедноста не само на контролорите на летање и на останатите вработени сплотени во три синдикати, туку и да обезбеди безбедно функционирање на авиосообраќајот над македонското небо и на аеродромите во Скопје и Охрид.
Вечерва во М-НАВ беа собрани сите контролори на летање, инженери, инструктори и други вработени, додека припадници од Секторот за насилен криминал од МВР уште се таму на увид по нападот од 8 насилници врз вработени во радарската соба каде што е сместена обласната контрола на летање и каде што се водат прелетите. Дошле и колегите од Охридската контрола на летање.
САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека непосредно по прес-конференцијата пред седиштето на М-НАВ на Скопскиот аеродром, на претседателот на синдикатот Александар Тасевски, а зад кој застанаа голем број вработени и му аплаудираа, 8 насилници во две возила влегле во зградата и нападнале вработени од албанска етничка припадност, затоа што застанале зад Синдикатот, а не зад партиските вработувања на ДУИ.
Тие поминале 3 бариери на обезбедување – портата во дворот на М-НАВ, влезната врата во зградата каде што пристап имаат само тие што имаат електронска картичка и во контролната кула каде што нема можност за движење без придружба. Но бандитите се движеле со Беким Незири од ДУИ, вработен во М-НАВ. Беким Незири е претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир. Тој во време на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше на неколку високи политички функции, меѓу кои и како еден од директорите на М-НАВ, директор на Фондот за ПИОМ и министер за економија во Владата на Никола Груевски.
Според сведоци, Незири ги внел насилниците директно во радарската соба, отворајќи им со неговата електронска картичка. Таму се случил физички напад на дел од нив, затоа што излегле да му дадат поддршка на Тасевски, но и да изразат протест против самоволието на менаџментот предводен од директорот Фахрудин Хамиди.
Во радарската соба има сигурносни камери, но контролорите на летање веднаш направиле копии од снимките плашејќи се дека некој од менаџментот може да ги избрише. При сличен ваков инцидент во 2010, во кој напаѓач исто така бил Незири, снимките од сигурносните камери биле избришани.
Сега тие снимки биле во рацете на инспекторите од насилен криминал.
За нападот се интересирале и странските амбасади, а некои од нив го покренале прашањето како овој напад би се одразил на безбедноста на воздухопловите на НАТО.
Трите синдикати во М-НАВ биле сложни да почнат генерален штрајк во среда, кога целосно би прекинал авиосообраќајот, додека Владата не ги разреши директорите Фахрудин Хамиди и Хасим Деари и додека не се почне со предистрага за нивни наводни криминални дејства во М-НАВ.
Но, по гаранцијата од МВР дека останува во М-НАВ да ја чува безбедноста, засега најавата за штрајк е ставена во мирување.
Владата најави дека на наредната седница која ќе се одржи во вторник, 9 јануари, ќе го разреши целото раководство на М-НАВ. Владата соопшти и дека премиерот Димитар Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
Полицијата трага по уште четворица од напаѓачите.
„МВР ја известува јавноста дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во МНАВ, кој беше пријавен денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на МНАВ“, соопшти вечерва МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА