ДА СЕ ОТКАЖАТ ЈАВНИТЕ СОБИРИ, А СПОРТСКИТЕ НАТПРЕВАРИ ДА СЕ ИГРААТ БЕЗ ПУБЛИКА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    ДА СЕ ОТКАЖАТ ЈАВНИТЕ СОБИРИ, А СПОРТСКИТЕ НАТПРЕВАРИ ДА СЕ ИГРААТ БЕЗ ПУБЛИКА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАПрепораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп“ и сите слични; - Министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: Влада на РСМ)

    Владата препорача да се откажат масовните јавни собири до 6 март, а спортските натпревари да се играат без публика, по предлогот на министерот за здравство Венко Филипче. Одлуката доаѓа по појавата на првиот случај со коронавирус во земјава, a уште 14 лица се во изолација.

    Министерот утрово кажа дека по вчерашниот состанок со епидемиолозите дадена е препорака да се ограничат масовните јавни собири, и дека согласно Законот за спречување на заразни болести, врз основа на Комисијата за заразни болести, го поднел предлогот до Влада и го доставил до Управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи.

    „Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот ‘Прочка’ во Прилеп“ и сите слични. Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации“, објави министерот.

    „Во затворен простор ризикот од пренесување на инфекцијата е поголем, но истото важи и за отворен простор, ако дистанцата меѓу луѓето е мала, а тоа е безбедна дистанца од 1 до 1,5 метар, што на карневал е невозможно да се почитува. Сметам дека треба да се откажат сите големи јавни собири, вклучително и спортските натпревари“, рече Филипче.

    Советот на Општина Прилеп донесе одлука за откажување на традиционалниот меѓународен карневал „Прочка“, што требаше да почне денеска. Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, кој започна завчеравечер објави дека се прекинува поради појавата на коронавирусот во земјава, со оглед дека во Струмица се очекуваат десетици илјади посетители и туристи за вечерашниов голем маскенбал, утрешното главно карневалско дефиле, неделниот детски карневал.

    Филипче кажа дека единствената болна пациентка е во стабилна состојба, и според проценката на докторите влегува во фаза кога почнува опоравувањето.

    Министерот додаде дека од вчера, вирусот се јави и во Нигерија, но и во четири други европски земји – Естонија, Данска, Холандија и Литванија. Вкупниот број на на заболени во Европа изнесува 774, од кои 650 се во Италија.

    Владата апелира до сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработените во основно, средно и високо образование, како и учениците и студентите кои изминативе две недели престојувале во земјите со официјална епидемија со коронавирус да не доаѓаат на работа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира