ВРАБОТЕНИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ДА НЕ ДОАЃААТ НА РАБОТА АКО БИЛЕ ВО РЕГИОНИТЕ СО КОРОНАВИРУС, АПЕЛИРА ВЛАДАТА

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ДА НЕ ДОАЃААТ НА РАБОТА АКО БИЛЕ ВО РЕГИОНИТЕ СО КОРОНАВИРУС, АПЕЛИРА ВЛАДАТАДоколку граѓаните кои во последните две недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонгконг, Иран, Јапонија, Макао, Филипини, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, потребно е да не доаѓаат на работа, на училиште или на факултет и да ја информираат институцијата, претпријатието и образовната институција. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата апелира до сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработените во основно, средно и високо образование, како и учениците и студентите кои изминативе две недели престојувале во земјите со официјална епидемија со коронавирус да не доаѓаат на работа.

    „Доколку граѓаните кои во последните две недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Народна Република Кина, Хонгконг, Иран, Јапонија, Макао, Филипини, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, потребно е да не доаѓаат на работа, на училиште или на факултет и да ја информираат институцијата, претпријатието и образовната институција“, укажува Владата.

    Доколку патувале во тие региони, треба веднаш да се јават на телефоните за контакт во центрите за јавно здравје во: Битола – 071/261-330, Велес – 071/219-278, Гевгелија – 078/545-444, Кочани – 071/373-913, Куманово – 070/215-851, Охрид – 070/723-029, Прилеп – 076/475-747, Скопје – 071/289-614, Струмица – 072/235-543, Тетово – 075/240-464, Гостивар – 076/365-161, Штип – 078/365-613, и на телефонот на Институтот за јавно здравје – 078/387-194, како и на телефонот „Ало докторе“ – 02/15-123.

    „Повикуваме на максимална лична одговорност на секој вработен во институциите, родителите на децата во образовниот процес и на сите граѓани, за да се оствари максималната заштита на секој поединец и на јавното здравје, како и да се следат и практикуваат препораките на Министерството за здравство и на Светската здравствена организација“, велат од Владата.

    Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Владата изминативе денови укажаа да се откажат сите планирани екскурзии од државните инстуции во Италија и да не се патува ако не е потребно.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кажа дека се преземени сите мерки за заштита на здравјето на учениците и спречување на ширење на коронавирусот во средните училишта.

    „Набавен е антибактериски сапун и дадена е наредба до директорите да ги откажат сите екскурзии во земјите каде има регистрирани случаи на коронавирус. Исто така во сите училишта ќе се одржи едукативен час за заштита од коронавирус“, рече Шилегов. Под надлежност на Град Скопје се 23 средни училишта, во кои учат 21.600 ученици.

    Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека деветмината патници кои се возеле во комбето со 50-годишната Македонка заразена со коронавирус немале контакти со големи маси на луѓе, освен со семејствата и тоа во куќите во кои живеат и во своите дворови и остануваат во соодветна домашна изолација,
    Пациентката која се лекува на Инфективната клиника во Скопје се чувстува добро, има лесна форма на клиничка слика, нема знаци дека има некакви компликации и се лекува во одделот за изолација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира