ДА СЕ УКИНАТ НЕПОТРЕБНИТЕ КОНТРОЛИ ЗА УТВРДУВАЊЕ ТРАЕН ИНВАЛИДИТЕТ, МУ ПРЕПОРАЧА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА ПОРАДИ МАЛТРЕТИРАЊЕТО ЗА ПРОЦЕНКА НА 6 МЕСЕЦИ

    ДА СЕ УКИНАТ НЕПОТРЕБНИТЕ КОНТРОЛИ ЗА УТВРДУВАЊЕ ТРАЕН ИНВАЛИДИТЕТ, МУ ПРЕПОРАЧА  МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА ПОРАДИ МАЛТРЕТИРАЊЕТО ЗА ПРОЦЕНКА НА 6 МЕСЕЦИОд маршот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност “ во 2025. (Фото: К. Попов)

    Анализата на наодите на стручните комисии за давање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице, спроведена од Министерството за здравство, покажа дека проблемот со честото поднесување документи не произлегува од потребата рокот да биде продолжен, туку од неправилна примена на постоечкиот Правилник, велат од Министерството.

    Министерот за здравство во Алиу на 11 јуни кажа дека државата губи повеќе од 2 милиона евра годишно со тоа што непотребно се враќаат пациентите кои имаат траен инвалидитет преку комисиите во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Тој тогаш кажа дека дека е направена работна група помеѓу Министерството за социјална политика и Министерството за здравство и дека после средбите и после анализите од работната група ќе излезат со јасна предвидена динамика за тие комисии, бидејќи навистина е товар и економски и здравствено.

    Алиу е министер во заминување, а предлог за нов минстер е Сашо Клековски. Новиот состав на Владата треба да се гласа денеска во Собранието.

    Согласно Правилникот, како што ни рекоа од Министерството за здравство, одреден број дијагнози се квалификувани како трајни промени на здравствената состојба кај пациентите, за кои закажувањето контролен преглед по определен рок (6, 12 или 24 месеци) нема правна основа. И покрај тоа, анализата утврди дека кај значителен процент од случаите со позитивни одлуки за трајни промени, сепак бил определен контролен преглед.

    „Врз основа на добиените наоди од анализата, Министерството за здравство достави известување во електронска и хартиена форма до членовите на стручните комисии и до здравствените установи каде се обавуваат овие прегледи, за правилна и доследна примена на Правилникот, со цел да не се бара повторно докажување на состојбата/болеста и периодични контроли за пациентите кои боледуваат од овие дијагнози. Известување е испратено и до матичните лекари, во кое се укажа дека при закажување на преглед на пациент за наод за потребата од помош и нега од друго лице, нема потреба од конзилијарно мислење (извештај со потпис од тројца специјалисти). Оваа практика се провлекувала со години, иако не е предвидена во Правилникот. Заклучокот е дека не се зборува за потреба од продолжување на рокот, туку за целосно укинување на непотребните контроли и непропишаните административни бариери, што директно ја адресира загриженоста на граѓаните за честото и непотребно поднесување документи. На овој начин би се растоварил и електронскиот систем за закажување, како за пациентите за преглед пред комисиите, така и за испитувањата кои ги предвидува Правилникот за овие дијагнози“, ни рекоа од Министерството.

    Заменик-министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, кој е предлог за нов министер, во интервју за ТВ Сител кажа дека во 2019 е направена една измена на Законот каде што до тогаш постоело трајна туѓа нега и мобилност. Трајна бидејќи одредени инвалидности медицински не може да се надминат и тие се трајни.

    „Меѓутоа некој тогаш сметал да ги измени правилниците и да на секои независно 6, 12 или 24 месеци, зависно колку е дадено решението, тие да се појавуваат повторно на прегледи. Тука имаат, морам да кажам, и трошоци за сето тоа треба да се плати, одредена сума за тој преглед, за конзилијарното мислење и така натака.  Така што, успеав во овој период и да се сретнам со голем број од организациите токму на лицата со инвалидност, и националните, меѓутоа и сите други организации и поголеми и помали, независно. Сите се добредојдени со совети, така што ова е една од мерките коишто ќе ја преземеме при првата измена на Законот за социјална заштита, да ги промениме да овие коишто имаат траен инвалидитет и тоа е медицински докажан, да овие луѓе имаат траен наод за мобилност или туѓа нега, а потоа секој ќе си има контроли и проверки од страна на Министерството, комисија коишто ќе си ги проверува нели на одреден период дека сѐ е во ред’, кажа Велковски на 11 јули.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира