ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ ГО ЗАМРЗНАА ПРОЕКТОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ ОТИ ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА ГРАДОТ НЕ ДОАЃААТ НА СОСТАНОЦИТЕ

    ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ ГО ЗАМРЗНАА ПРОЕКТОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ ОТИ ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА ГРАДОТ НЕ ДОАЃААТ НА СОСТАНОЦИТЕЕвропската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ) доставиле писмено известување дека нема да учествуваат во натамошните редовни неделни и месечни состаноци додека Градот и јавното претпријатие не обезбедат соодветни претставници. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска и директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Драган Илиевски поставен од нејзе и понатаму го кочат проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, претставниците од Градот не се појавуваат на состаноците и разрешен е раководителот на проектната единица за имплементација на проектот.

    Поради овие причини, претставниците на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Европската инвестициска банка (ЕИБ) кои го финансираат проектот, доставиле писмено известување дека нема да учествуваат во натамошните редовни неделни и месечни состаноци додека Градот и јавното претпријатие не обезбедат соодветни претставници. Тие исто така бараат образложение зошто е сменет раководителот на проектната единица. Тоа значи дека сега проектот е во застој, односно не можат да почнат да се реализираат никакви активности за да се почне со градба на пречистителната станица.

    Дека проектот и понатаму се кочи и има забелешки од европските банки потврдува и министерката за животна средина Каја Шукова, која за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека претставници од Градот отсуствуваат од редовните состаноци.

    Има загриженост кај банките дека претставниците на Град Скопје и ЈП ‘Водовод и канализација‘ отсуствуваат од редовните состаноци кои се важни за успешно спроведување на проектот. Исто така, согласно потпишаниот договор со ‘Водовод и канализација’, не треба да се менува член на проектната единица за имплементација на проект, без согласност на банките. И на оваа тема банките имаат загриженост и бараат образложение од претпријатието зошто и како е можно без нивна согласност да се смени член на проектната единица“, вели министерката Шукова.

    Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Драган Илиевски не одговараше на нашите телефонски повици ниту на пораката во која му поставивме прашања зошто е сменет раководителот на проектната единица, како е можно да донесат таква одлука без согласност на европските партнери и зошто претставници на Градот не учествуваат на состаноците за што реагираат од ЕБОР и ЕИБ.

    Градоначалничката Арсовска и директорот Илиевски со месеци не го потпишуваа договорот за изградба на пречистителната станица, иако процесот беше спроведен без ниту една забелешка. Договорот со германската фирма „ВТЕ Васертехник“ беше потпишан минатиот месец, откако претходно ЕУ додели неповратен грант за проектот и јавно ја повикаа Арсовска да го потпише договорот. Ни Град Скопје ниту „Водовод“ не ја соопштија оваа информација.

    Иако станува збор за капитален проект за градот вреден 200 милиони евра и за кој се обезбедени европски пари, не беше одржана прес-конференција, не беше испратено соопштение до медиумите ниту пак таква информација има на веб страните на Град Скопје и на „Водовод и канализација“. Медиумите ова информација ја дознаа од свои извори, а ја потврди министерката Шукова бидјејќи од Градот и претпријатието не одговараа ниту на поставените прашања.

    Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019 кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 Скопје ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар. Дел од парите односно 136 милиони евра се кредит од Европската инвестициска банка, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската унија.

    Арсовска токму за овој тендер се скара и со ВМРО-ДПМНЕ откако го обвини тогашниот директор на претпријатието Златко Перински дека ја местел постапката. Од партијата пак тогаш ѝ одговорија на Арсовска дека таа сака да го намести тендерот во корист на турска фирма.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира