ГОВЕДА, ЏУКЕЛИ, ГЛУПИ СТЕ, НИШТО НЕ ЗНАЕТЕ, ИМ ВИКАЛА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА КУМАНОВСКИОТ СУД СНЕЖАНА МАНЕВ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, СИНДИКАТОТ БАРА СУДСКИОТ СОВЕТ ДА ЈА РАЗРЕШИ

    ГОВЕДА, ЏУКЕЛИ, ГЛУПИ СТЕ, НИШТО НЕ ЗНАЕТЕ, ИМ ВИКАЛА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА КУМАНОВСКИОТ СУД СНЕЖАНА МАНЕВ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, СИНДИКАТОТ БАРА СУДСКИОТ СОВЕТ ДА ЈА РАЗРЕШИОд 90 вработени во судската администарција 75 ја потпишале преставката против претседателката Снежана Манев и тие за време на паузата излегоа пред судот за да го изразат своето незадоволство од атмосферата и условите во кои работат. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, подолго време ги навредувала на лична и национална основа вработените во судската администрација, обвини Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Претседателот Трпе Деаноски денеска на прес-конферанција побара оставка поради мобинг на вработените.

    Од 90 вработени во судската администарција 75 ја потпишале преставката против претседателката. Тие службеници за време на паузата излегоа пред судот за да го изразат своето незадоволство од атмосферата и условите во кои работат.

    „Говеда, џукели, глупи сте, ништо не знаете, ќе ве запалам, ќе ве ставам под нозе, прво ќе те умрам па ќе напуштам работа, вие од овој суд може да заминете само со брза помош, а пцостите кои ги упатува кон вработените мене лично ми е срам да ги изговорам. Вакви зборови секојдневно се упатуваат до вработените во судот и тоа најчесто пред странки и граѓани. Тоа се само дел од навредите кои секојдневно ги трпат вработените, а ги навредува и по верска и национална основа. Истото е евидентирано и во извештајот на Судскиот совет во 2023 година, односно дека претсдателот на Основниот суд Куманово во голема мера ги има нарушено меѓучовечките односи во судот“, изјави Деаноски.

    Тој вели дека вработените неколкупати досега се обраќале до Судскиот совет и Министертсвото за правда, но немало реакција. Единствено, двајца претставници од Судскиот совет дошле да проверат дали потписите на вработените са автентични, но не и да преземат нешто за однесувањето на претсадателката.

    „Бараме Судскиот совет веднаш да постапи по преставката на вработените и да ги штити нив, а не претседателите и судиите кои го штетат угледот на судството во државата. Да испитаат како претседател на Основен суд е избран без да помине психолошко тестирање. Да испитаат како може претседател на суд да се меша во ингеренции на администратори на вработени, да покажува интерес само за одредени предмети. Ја повикувам претседателката веднаш да престане со психички малтретирања на вработените и да си поднесе оставка. Го повикувам Судскиот совет сериозно да си ја сфати работата и да ги испита сите наводи од поднесената преставка. Да ги заштити вработените од влијанието на претсeдателката, да започне постапка за разрешување согласно предвидените закони за судови. Доколку тоа не се случи, сите колеги кои се зад мене ќе почнат протести, а спремни сме да го затвориме судот со штрајк“, изјави Деаноски.

    Претседателката денеска не беше на работа, а новинарите ги прими нејзиниот заменик Неџат Мемети, кој кажа дека е оправдано отсутна, и ни даде писмено соопштение. Во него се наведува дека организатори на протестот се тројца луѓе, а причината е изречена казна на судскиот администратор за несовесно вршење на работните задачи.

    „Наводите дека работната атмосфера е нарушена со незаконско и недолично постапување и однесување кон вработените се потполно неточни и невистинити. Јас раководам со судот согласно законските прописи и тоа Законот за судовите, Законот за судска служба, Судски деловник и останати акти, со кои е регулирано функционирањето на судот. Сакам да потенцирам дека наводите за вршење притисок од моја страна кон вработените се неточни, невистините, паушални и апстрактни, бидејќи, пред сè, во истите дури не е наведен ниту еден конкретен случај, кога и кон кого бил извршен наводен притисок“, стои во соопштението.

    Таа дополнува дека поради континуирано намалување на вработените, се врши реорганизација на постоечкиот кадар и поголемо ангажирање, но дел од вработените поддржани од судскиот администратор ги одбивале дадените задачи. Исто така имало непланско користење на годишни одмори, продолжени боледувања и неоправдни отсуства за што имало поплаки од странките. Кога било побарано да се надминат проблемите ништо не било преземено.

    „Јас раководам со судот во целина и имам обврска истиот да функционира пред сè за добро и во корист на граѓаните. Сите вработени во судот мора да бидат целосно посветени и максимално ангажирани при извршување на своите работни задачи. Јас како судија и претседател на судот, не прифаќам ништо помалку, ниту правам компромиси, точка“, стои на крајот на соопштението на претседателката.

    Од синдикатот најавија ако за осум дена не се реши проблемот ќе организираат протести и штрајк.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира