Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов попладнево даде исказ на сослушување пред обвинител во истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 луѓе на возраст од 14-25 години. Потоа замина од Обвинителството. Тој не е во групата осуммина за кои судија на претходна постапка одреди краткотраен притвор, туку е во тие 6 новоповикани на разговор во Основното јавно обвинителство (ОЈО) на Кочани. Премиерот Христијан Мицкоски во денешната изјава кажа Папазов дека немал одговорност за работењето на дивата дискотека.
За сите 14 сослушувани ќе се бара притвор. Меѓу нив е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, раководителка, вработени во Министерството за економија, како и во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Од одземените телефони, компјутери, од проверката на серверот коишто дејства биле изведени денеска, произлегуваат нови докази, но и нови осомничени.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави нови апсења, дури и на вработени во МВР, како што рече, „бивши, сегашни, секакви“.
Обвинителот Љупчо Коцевски кажа дека од Инспекцискиот совет ќе се бара да истражи години наназад кој сè од надлежни институции и инспекторати придонел со свои постапување или придонел со непостапување и замижување, за невидената катастрофа во импровизираната дискотека во Кочани, која 15 години работела без ниеден стандард пропишан со закон и без лиценца.
На 16 март на концерт на групата ДНК, во дискотеката „Пулс“ во Кочани сместена во приземна куќа со само еден прозорец со решетки и еден мал влез, од нелегална употреба на пиротехнички распрскувачки материи се запали плафонот направен од запаллива материја. Без доволен број противпожарни апарати, без врати за евакуација, изгореа или беа згмечени во стампедо 59луѓе. Над 150 се повредени, а 50-ина се со многу тешки изгореници.
Според последните информации од министерот за здравство Арбен Таравари, сите пациенти се префрлени во скопските болници, каде има вкупно 84 пациенти, а до крајот на денот уште 26 треба да се испратат во други држави. До крајот на денот вкупно во земјава ќе останат 58 пациенти. Седум малолетници се меѓу хоспитализираните.
За кривичните дела против сигурноста и здравјето, на осомничени од групата ` се заканува затворска казна од три до 20 години, кажа Коцевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА