ЌЕ СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ СКОПЈАНЕЦОТ ГИ ЗАПАЛИЛ ПО НАРАЧКА КОЛИТЕ НА БУГАРСКАТА АМБАСАДА И СО КОГО КОМУНИЦИРАЛ, ПАЛЕЊЕТО ИЗДИГНАТО НА НИВО НА ЗАГРОЗУВАЊЕ ЛИЦА ПОД МЕЃУНАРОДНА ЗАШТИТА

    ЌЕ СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ СКОПЈАНЕЦОТ ГИ ЗАПАЛИЛ ПО НАРАЧКА КОЛИТЕ НА БУГАРСКАТА АМБАСАДА И СО КОГО КОМУНИЦИРАЛ, ПАЛЕЊЕТО ИЗДИГНАТО НА НИВО НА ЗАГРОЗУВАЊЕ ЛИЦА ПОД МЕЃУНАРОДНА ЗАШТИТАОпожарените дипломатските коли ги ги користеле Военото аташе на Бугарија во Македонија и други вработени во амбасадата. (Фото: Принтскрин од видео на МВР)

    Државниот обвинител Ненад Савески случајот од 15 јуни со палењето два дипломатски автомобила на Бугарската амбасада го издигнал на повисоко ниво, па од Скопското јавно обвинителство, каде беше квалификувано како предизвикување општа опасност, истрагата е преместена во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), под друго дело и со зголемен притвор за сторителот. Поведена е истрага за Загрозување лица под меѓународна заштита од член 420 од Кривичниот законик, а од 8 дена, притворот сега на сторителот му е 30 дена.

    „Ќе се испитуваат и претходни комуникации на сторителот, за да се види да не полеал и запалил по нечија нарачка од бугарски или од овдешни безбедносни служби или политички партии и други субјекти, дали му е платено за тоа итн. Не е доволно само тоа што го признава делото“, велатод истрагата  на прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК.

    За кривичното дело Загрозување лица под меѓународна заштита од член 420 став 1 од Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од најмалку една година.

    „Според обезбедените докази, постои основано сомневање дека осомничениот на 15 јуни 2026 година со опожарување на возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, што ги користеле Военото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија и други вработени во Амбасадата, создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита. Имајќи предвид дека станува збор за кривично дело што спаѓа во групата на кривични дела против човечноста и меѓународното право и кое својата основа ја наоѓа во Конвенцијата на Обединетите нации за превенција и казнување на кривични дела насочени против меѓународно заштитени лица, вклучително и дипломатски претставници, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор во траење од 30 дена за лицето на кое до сега му беше определена притворска мерка од 8 дена во скратена постапка“, вели Обвинителството.

    Како што претходно соопшти  Обвинителството, на 15 јуни околу пладне, на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, пред Амбасадата на Република Бугарија, осомничениот излегол од дома, се качил во автобус и дошол во центар, па од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на амбасадата кои ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка. Веднаш откако го предизвикал опожарувањето избегал од местото.

    Македонската Влада уште истиот ден најостро го осуди „вандалскиот и недозволив чин на опожарување на возила со дипломатски статус“ во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

    „Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава. Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите. Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран. Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија. Очекуваме брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите. Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи“, соопшти Владата.

    Инцидентот го осуди и Министерството за надворешни работи на Бугарија, како „резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза, упатувајќи критики за недоволен институционален одговор во претходни случаи“. Бугарската претседателка Илијана Јотова изјави: „Најостро го осудувам палењето на дипломатски возила во бугарската амбасада во Македонија. Ова не е обично кривично дело, туку неприфатлив напад врз дипломатска мисија, што ја доведува во прашање способноста на властите во С. Македонија да ја гарантираат безбедноста на странските дипломатски мисии во согласност со нивните меѓународни обврски“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира