ЌЕ СЕ ПРОГЛАСИ ЕПИДЕМИЈА НА ЗАРАЗНА БОЛЕСТ ВО ГОСТИВАР, ВОДАТА ДА НЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ГОТВЕЊЕ И МИЕЊЕ, РЕКОА ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ЌЕ СЕ ПРОГЛАСИ ЕПИДЕМИЈА НА ЗАРАЗНА БОЛЕСТ ВО ГОСТИВАР, ВОДАТА ДА НЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ГОТВЕЊЕ И МИЕЊЕ, РЕКОА ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕМерките за контрола и превенција цело време се спроведуваат од сите надлежни институции, а пријавување на епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители, кажа д-р Драги Кочински.

    На територијата на Гостивар ќе биде прогласена епидемија на заразна болест, рече д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во денешната изјава за медиумите, тој кажа дека првите пријави до ИЈЗ се доставени утрово и досега се пријавени вкупно 140 заболени лица, на кои им се врши анкета од страна на епидемиолози.

    „Ние сме во комуникација со Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово и денеска ќе се донесе соодветна одлука за пријавување епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција цело време се спроведуваат од сите надлежни институции, а пријавување на епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители“, кажа Кочински.

    Министерството за здравство информираше дека од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани, 140 прегледи на Педијатриското одделение и девет прегледи во Ургентниот центар.

    Кочински рече дека Институтот за јавно здравје е во постојана комуникација со сите надлежни институтции и по добивање на барање од страна на Јавното обвинителство, од ИЈЗ излегле на терен на посочените локации и земени се примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи на вода.

    „Поради времената забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, на граѓаните им се препорачува да ги почитуваат мерките издадени од ИЈЗ до добивање на официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба. ИЈЗ вчера даде препораки за населението за користење на водата и превенција на заболувања кои се пренесуваат преку вода. Во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Гостивар, Институтот за јавно здравје ги ангажира сите свои стручни и лабораториски капацитети и ќе продолжи интензивно да работи до целосно утврдување на причините и надминување на состојбата“, додаде Кочински.

    ИЈЗ излезе со мерки кои им се препорачуваат на граѓаните. До официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење, ниту по превривање.

    1. Вода за пиење и подготовка на храна
    · Не користете вода од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна.
    · Ако имате пристап до флаширана вода, набавете ја за овој период. Потребни се најмалку 4 литри вода по лице на ден.
    · За пиење користете фабрички пакувана вода (флаширана вода).
    · Не користете вода од водоводот за:
    – подготовка на храна;
    – миење овошје и зеленчук кои се консумираат свежи;
    – подготовка на мраз;
    – подготовка на сокови, кафе, чај и други пијалаци.
    · Не користете вода од водоводот за подготовка на храна за доенчиња.
    2. Хигиена на рацете
    · Рацете мијте ги често со сапун и безбедна вода (флаширана вода), особено:
    – пред подготовка и консумирање храна;
    – по користење тоалет;
    – по менување пелени;
    – по контакт со заболено лице.
    · Доколку нема безбедна вода, користете средство за дезинфекција на база на алкохол кога рацете не се видливо извалкани.
    3. Лична хигиена
    · За миење заби користете исклучиво безбедна вода (флаширана вода).
    · За туширање и капење да се користи безбедна вода (флаширана вода) или превриена вода, но да се внимава водата да не се голта.
    · Доколку нема безбедна вода, користете влажни марамчиња или крпи за еднократна употреба за периодот додека водата е забранета за употреба.
    4. Подготовка на храна
    · Храната треба добро термички да се обработува.
    · Избегнувајте подготовка на храна која не се готви доколку не може да се користи безбедна вода.
    · Користете еднократни чинии и прибор за јадење за да избегнете миење.
    5. Ресторани, кафулиња и угостителски објекти
    · да не користат вода од водоводот за подготовка на пијалаци;
    · да не користат вода за миење овошје и зеленчук;
    · да користат само безбедна вода (флаширана вода) за подготовка на храна;
    · машините за мраз да не се користат.
    6. Градинки
    · децата да пијат исклучиво безбедна вода (флаширана вода);
    · да не се користат чешмите за полнење шишиња;
    · храната да се подготвува само со безбедна вода (флаширана вода).

    Министерот за здравство Сашо Клековски вчера при посета на болницата во Гостивар изјави дека првите резулати од анализите се очекуваат в понеделник.

    Од Обвинителството денеска соопштија дека Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде што по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на квалитетот на примероците на водата во гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре и потоа ќе бидат доставени до надлежното обвинителство. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира