МЕСТО ДА ЗАСТАНАТ НА СТРАНАТА НА ОБВИНЕНИЕТО, ВИШИТЕ ОБВИНИТЕЛИ БЕКТЕШИ И ХАЈРУЛАХИ БАРААТ ОД СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ДА ИМ ГИ УКИНЕ ЗАТВОРСКИТЕ ПРЕСУДИ НА ДВАЈЦА ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДУИ

    МЕСТО ДА ЗАСТАНАТ НА СТРАНАТА НА ОБВИНЕНИЕТО, ВИШИТЕ ОБВИНИТЕЛИ БЕКТЕШИ И ХАЈРУЛАХИ БАРААТ ОД СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ДА ИМ ГИ УКИНЕ ЗАТВОРСКИТЕ ПРЕСУДИ НА ДВАЈЦА ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДУИВо поднесената жалба од Фетаи, пак, таа се жали на минималните затворски казни за Аљими и Гури, со оглед на тоа дека станува збор за потежок изборен криминал. (Фото: СДК.МК)

    Да се прифати жалбата на обвинетите, да се укинат затворските пресуди и да се врати предметот за преправање изборни резултати на повторно судење, е насоката што му ја пратиле Вишите обвинители Мустафа Хајрулахи и Диљавер Бектеши на Апелациониот суд Скопје за функционерите од ДУИ Ејуп Аљими и Исмет Гури, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од Јавното oбвинителство на Македонија.  Ова е единствен случај во 18-годишното владеење на ДУИ со првостепена пресуда за нивни функционери за некое кривично дело. Други судски постапки не се водат, нема ниту нови истраги.

    Преседанот е во тоа што наместо да застане на страната на обвинението, Вишото обвинителство бара да се прифатат жалбите на обвинетите.

    Во спасувачката мисија за Аљими, поранешен координатор на пратеничката група на ДУИ и близик соработник на лидерот Али Ахмети, Вишото обвинителство на Скопје раководено од Хајрулахи, сличен преседан направи со пасошите. Во декември лани испрати мислење до Скопска апелација на двајцата да им се вратат патните исправи, кои судот им ги зеде за да не избегаат. Вообичаено, Вишото обвинителство стои зад барањето на основните обвинители за обезбедување присуство на осомничени, обвинети или на осудени лица и дава идентично мислење до повисоките судови. Тука застана на страната на обвинетите.

    Но, Апелациониот суд Скопје тогаш постапи спротивно на насоката на Вишиот обвинител Диљавер Бектеши, и донесе одлука пасошите да не им бидат вратени.

    На прашање дали во случајов на вториот преседан, кога Бектеши и Хајрулахи бараат да се укинат затворските пресуди, Апелациониот суд има обврска да ги послуша, оттаму ни рекоа дека нивното мислење не е обврзувачко за судот.

    Околу овој случај против двајцата функционери од ДУИ има трет преседан. Нивните жалби на затворските пресуди, како и жалбата на обвинителката Фатиме Фетаи според која се ниски изречените казни, се поднесени на крајот на август, односно на почетокот на септември лани. Во архивата на Апелациониот суд Скопје се стигнати на 12 ноември, а веќе утредента се испратени на мислење во Вишото јавно обвинителство – Скопје.

    Од 13 ноември лани, Вишото обвинителство го зароби предметот. Место да одговори за еден месец, мислењето е испратено по 5 месеци, дури на 10 март. Хајрулахи не одговараше на нашето прашање зошто го држи предметот за Аљими и Гури и кога ќе го врати на Апелација, со мислење за поднесените жалби.

    На 31 март лани, судијката Марија Клетничка од Основниот кривичен суд ги осуди на по три ипол години затвор Аљими и Гури за фалсификување исправи на локалните избори во Чаир во 2013 година.

    Двајцата, по завршување на гласањето, од два сведока, Јани Точи и Ресмие Бислими, ги зеле списоците од гласовите и еден по еден ги преправиле во корист на кандидатите на ДУИ.

    Аљими и Гури според првостепената пресуда, фалсификувале вкупно 12 списоци од гласање. На пример, во едното избирачко место 388 гласови за ДУИ ги преправиле во 492, во друго од 122 освоени во 220, потоа од 253 во 423 за ДУИ, итн. Преправањето на гласовите го вршеле математички, со тоа што со знаење на коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ крателе од нивните гласови, ама и од ДПА, кои практично ги преполовувале, со тоа што одземеното го додавале кај кандидатот на ДУИ. Преправени, им ги вратиле на сведоците, членови на комисиите што ги спроведувале гласањата во овие избирачки места.

    По овие локални избори, со години, лидерот на ДПА Мендух Тачи зборуваше за тежок изборен фалсификат од страна на ДУИ.

    Овие резултати, со додавање и одземање гласови, потоа биле испратени до ДИК.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира