МИНИСТЕРКАТА ЗА ЕНЕРГЕТИКА САЊА БОЖИНОВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ИМА БУГАРСКИ И ЧЕШКИ ПАСОШ

    МИНИСТЕРКАТА ЗА ЕНЕРГЕТИКА САЊА БОЖИНОВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ИМА БУГАРСКИ И ЧЕШКИ ПАСОШБожиновска побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на 2023 и процедурата не е завршена, што значи дека сè уште е бугарска државјанка. (Фото: К. Попов)

    Министерката за енергетика и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Сања Божиновска има бугарски пасош и, според јавно достапниот регистар на Трговскиот суд во Загреб, го користела како директорка на хрватската канцеларија на фирмата „Руднап“, објави „360 степени“. Во изјава за „360 степени“, министерката Божиновска негира дека поседува бугарско државјанство, но не одговара дали поседувала.

    Според дополнителните проверки, таа побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на 2023 и процедурата не е завршена, што значи дека сè уште е бугарска државјанка. Неколку месеци откако побарала отпуст од бугарско државјанство, Божиновска во февруари годинава стана членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

    Министерот одговорен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, кој отворено декларирал дека поседува и белгиско државјанство, изјави:„Декларирање на второто државјанство е прашање на транспарентност и е неопходно барем кога станува збор за етичко ниво. Кога се работи за високи државни функционери, би требало да е норма“.

    Божиновска е министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, а во биографијата ѝ стои дека е родена во Скопје во 1980, во графата националност декларирала „македонска“. Има високо образование надвор од државава и работно искуство надвор од државава, меѓу другото, и во групацијата „Руднап“ со седиште во Белград, Србија, каде што била „извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија“ и била одговорна за активности во „Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Македонија, Романија, Унгарија, Кипар, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Чешка, Австрија, Грција“.

    Според јавно достапниот запис на филијалата на „Руднап“ во Загреб, Божиновска е заведена со матичен број и број на пасош на Република Бугарија.

    За бугарски пасош, прво е потребно да се обезбеди бугарско државјанство. За некој, пак, да добие бугарско државјанство, треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти.

    На прашањето дали поседувала или дали во моментов поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, Божиновска за „360“, таа во одговорот не кажува дали во минатото го поседувала:

    „Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“, вели Божиновска.

    Иако тврди дека го декларирала и чешкото државјанство, таква информација нема во нејзината биографија доставена од мандатарот Христијан Мицкоски до Собранието во предлог-составот за новата влада.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира