Премиерот Христијан Мицкоски вели дека неговата власт не го штити градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од одговорност за загинувањето на 59 лица во пожарот во дискотеката „Пулс“. Папазов, кој е на функцијата три и пол години, вчера си даде оставка на Фејсбук.
Согласно член 8 од Законот за угостителска дејност, градоначалникот на Општината, а во Градот Скопје градоначалникот на Општината на подрачјето на Град Скопје, води евиденција на угостителите кои отпочнуваат со работа на нивното подрачје.
Одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, зошто градоначалникот вчера после распит во полиција не беше однесен во судот во Кочани како ексминистерот за економија Крешник Бектеши и ексдиректорот на Пазарната инспекција Горан Трајковски, Мицкоски рече дека неговата одговорност ќе ја утврди Обвинителството.
„Дали и колкава е одговорноста на градоначалникот ќе утврди Обвинителството. Градоначалникот во својата оставка напиша дека стои на располагање за сè, не бега, тука е. Денеска истражните органите ќе влезат и во Општината и ќе ги проверат сите документи. Ако вие пледирате дека тој е ВМРО па ние го штитиме, не, се лажете, никого нема да штитиме. Свети ВМРО да биде и јас да сум, родена сестра, брат да ми е, ќе одговара ако има било каква вина. Одговорност ќе има за сите. Ако е потребна морална одговорност, еве удрете по мене, јас сум тука и ќе се сносам со овој предизвик, но прво ќе ги поразам, како многу пати што сум ги поразил, а потоа на избори граѓаните ќе судат дали и кој треба да сноси одговорност. Свети ВМРО да е, ако направи грешка ќе одговара и тоа сме го покажале досега“, рече Мицкоски одговарајќи на нашето прашање по посетата на повредените од пожарот во Градската болница „8 Септември“.
Основниот суд Кочани вчера даде краткотраен притвор на 8 плус 6 осомничени за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, меѓу кои и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, за да може со нив приведените да се задржат на распит повеќе од 24 часа. По истекот на овие 48 часа, ќе се знае за кого од овие осомничени обвинителите ќе побараат 30-дневен притвор. Претходно на распит кај обвинител, но не и кај судија на претходна постапка, беше градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов. По сослушувањето, си заминал дома, не бил донесен во судот.
Вчера, одговорност за градоначалникот Папазов на протестен марш побараа граѓаните на Кочани. Тие ја каменуваа Општината и ги кршеа клупите и таблите и извикуваа градоначалникот да излезе. Папазов ниту еднаш после трагедија не се појави во јавност да изрази сочуство, не ги посети повредените во болница, ниту утрото излезе на местото на пожарот.
Над 150 лица се повредени, дел од нив тешко, во пожарот во дискотеката Кочани на 16 март. Во странство до сабајлево се испратени на лекување 76 повредени.
- ВО СУДОТ ВО КОЧАНИ СЕ ИЗРАБОТУВААТ РЕШЕНИЈАТА ЗА 48-ЧАСОВЕН ПРИТВОР ЗА 14 ЛИЦА, МЕЃУ НИВ СЕ БЕКТЕШИ И ТРАЈКОВСКИ
- ГИ ПОЧИТУВАМ СИТЕ ПРОТОКОЛИ ПРИ ПОСЕТАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ ВО БОЛНИЦИТЕ, НЕ ПРАВАМ ПИ-АР ОД ТОА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОСЕТАТА НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНСКИОТ ПОЖАР
А. АНТЕВСКА