Општина Охрид има донесено правосилни решенија за уривање на плажите неколку години пред уредбата на Владата и затоа ќе продолжиме да уриваме сѐ додека не ги отстраниме сите дивоградби долж крајбрежјето, вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиески по одлуката за Уставен суд да се запре уривањето на плажите во Охрид. Георгиески за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не му е потребна уредба или каква било друга одлука од Владата за да урива дивоградби бидејќи тоа е надлежност на Општината.
„Ние почнавме со уривање на дивоградбите врз основа на решенија издадени од 2017 и 2016 година за нелегално изградени објекти и за објекти со истечени договори за закуп, со што тие всушност се дивоградба. Не треба Владата да донесе уредба за Општината да урива. Во уредбата на Владата не се споменува дека Општина Охрид треба да урива туку дека Пазарниот инспекторат и Управата за јавни приходи треба да го затворат објектот кој откако му истекол договорот за закуп продолжил да работи. Ние како Општина си имаме друго решение со кое го уриваме објектот, односно го враќаме просторот во првобитна состојба бидејќи тоа не го сторил концесионерот“, вели градоначалникот Георгиески.
Со уредбата на Владата за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба на закупците на кои им е истечен договорот им се наложува да го вратат во првобитна состојба земјиштето и им се забранува да вршат дејност. Се предвидува надзорот да го вршат Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција кои треба да го затворат објектот доколку не се почитува одредбата.
„И во самиот договор кој го имаат концесионерите стои дека земјиштето треба да се врати во првобитна состојба откако ќе помине договорот за закупот. Ние постапуваме по тие договори, бидејќи закупците не ѝ плаќаат кирија на Општината, а не по уредба на Влада. Затоа, уште лани распишавме тендер за уривање на дивоградбите, тогаш немаше никаква уредба. Уставниот суд нема да ме спречи да продолжиме да си ја вршиме работата и да го исчистиме крајбрежјето од дивоградби“, додава Георгиески.
САКАМДАКАЖАМ. МК лани во декември пишуваше дека никој не плаќа концесија на Општина Охрид за стопанисување со плажите долж Охридското Езеро. Ниту еден од газдите кои ги работат плажите, поставуваат лежалки, маси, столици, чадори, па дури имаат изградено и цели објекти претворени во кафулиња, немаат дозвола за работа. Концесиите им се истечени, па веќе неколку години си работат на диво. Плажите се водат како дивоградби, бидејќи според договорите за краткотраен закуп кои ги потпишале со Министерството за транспорт и врски, се обврзале по истекот на концесијата да го вратат земјиштето, односно плажата во првобитна состојба.
А. АНТЕВСКА