Пожарот на депонијата Краста, каде што се изнесува ѓубрето од Куманово, повторно ги извади на површина проблемите со кои се соочуваат жителите на Пчиња, Студена Бара и околните села. Тие, по кој знае кој пат, побараа општинските и државните институции да преземаат мерки за решавање на проблемот, кој им го загрозува здравјето и им ги ограничува основните човекови права на чист воздух и вода.
„Котлината на селото Пчиња повеќе од 6 месеци е обвиткана во отровен час и жителите не можат да отворат прозор во летните месеци. Овде гравитираат 7 села со над 5.000 жители, чадот се чувствува во должина од 30 километри, дури до Катланово. Ние се занимаваме со земјоделство и секој ден повеќе од 10 часа сме на нивите и го вдишуваме токсичниот чад. Загадувањето веќе го зема данокот со здравјето, с ѐ повеќе имаме луѓе со белодробни заболувања, а за загадената водата да не зборувам. Ако овој проблем не се реши за една година ние ќе мора да се иселиме од тука, затоа што не се издржува. Апелираме до надлежните да го сфатат сериозно проблемот, да не се извлекуваат поради нивната неодговорност. Државата треба да го слушне нашиот апел и да го реши проблемот “, вели Александар Илиевски, претседател на Месна заедница Пчиња.

Овде гравитираат 7 села со над 5.000 жители, чадот се чувствува во должина од 30 километри, дури до Катланово. (Фото: СДК.МК)
Илиевски додава дека досега повеќепати одржале состаноци со претставниците на Општина Куманово и Владата, се договориле за одредени работи, но ништо од тоа не е реализирано, а надлежните си ја префрлаат топката. Од Министерството за животна средина еднаш излегле на терен и му наредиле на Јавното претпријкатие „Чистота и зеленило“ за 40 дена да ја санира депонијата, но тие немаат решение и пожарите продолжуваат секој ден.
Чадот од депонијата Краста не го загадува воздухот во околните села, туку и во градот Куманово, но оттаму поддршката е само декларативна. Затоа, пак, од жителите на соседните скопски села се приклучија на барањата на жителите на Пчиња.
„Оваа година повеќе од 50 дена сме во ваков чад. Надвор од умот е да нема никаква одговорност. Пративме официјални дописи до Влада и Министерството за животна средина, ветија дека ќе се санира, но не се знае кога. Некој да врши геноцид врз десетина села со отприлика 7-8 .000 жител е надвор од умот. Порака до премиерот е да ги преземе конците во своите раце и да види што се случува во ресорното министерство. Таму е хаос. Што е најважно останавме без вода за пиење со децении, а сега го оставија отпадот секојдневно да чади. Како младите да останат во својата земја? Ова не оди на добро. Ако по овие 500 потписи и официјални дописи никој не сака да мрдне со прст, значи нема одговорност. Нека ја затворат депонијата за да не нѐ иселат нас“, вели Раде Спасовски од месната заедница од селото Долно Коњари, Скопско.
Од ЈП „Чистота и зеленило“, кое го изнесува сметот и стопанисува со депонијата Краста, велат дека се свесни за сериозноста на проблемот кој е повеќедецениски, но не можат да го решат сами.
Велат дека го гаснат пожарот и ги преземаат сите мерки во нивните можност во изминатите месеци, но за долгорочно решање на проблемот и дислоцирање на депонијата треба да одлучи Општината и државата.
За 28 септември е закажан состанок во Општина Куманово каде што ќе се расправа за решавање на проблемот.
С. НИКОЛИЌ



