ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС Е СТАР 18 ГОДИНИ И РЕГИСТРИРАН ГОДИНАВА, ВОЗАЧОТ НЕ БИЛ ПОД ДЕЈСТВО НА АЛКОХОЛ И ДРОГА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС Е СТАР 18 ГОДИНИ И РЕГИСТРИРАН ГОДИНАВА, ВОЗАЧОТ НЕ БИЛ ПОД ДЕЈСТВО НА АЛКОХОЛ И ДРОГА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТОНа местото на несреќата, со јавниот обвинител денеска била и екипа на Бирото за судски вештачења, од каде треба да биде изготвен писмен вешт наод и мислење за причините на сообраќајната несреќа (Фото: Ѓ. Личовски)

    Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на МВР денеска во 13.15 минути го завршил увидот на местото на тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на патниот правец Скопје-Тетово, во која 14 лица загинаа, а повеќемина се повредени. Обвинителството засега ги нема причините за трагедијата.

    Интензивно се работи на утврдување на сите детали кои можат да ги откријат причините за несреќата. Со оглед на тежината на настанот и обемот на истражни дејствија кои ќе се преземат во претходна постапка, во постапувањето по овој предмет е вклучен и втор јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, велат од ОЈО Скопје.

    „Автобусот на компанијата ‘Дурмо турс’, кој преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е подигнат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Заради правилно утврдување на фактите, денеска на местото на несреќата беше присутна и екипа на Машинскиот факултет која ги направи првите проверки на исправноста на возилото. Од досегашните сознанија, утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година“, соопшти ОЈО Скопје.

    На лице место со јавниот обвинител денеска била и екипа на Бирото за судски вештачења, од каде треба да биде изготвен писмен вешт наод и мислење за причините на сообраќајната несреќа.

    Надлежниот јавен обвинител ќе ја побара целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“ во врска со дозволите за јавен превоз кои ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот кој сообраќал на релацијата Скопје-Тетово, како и податоци во врска со работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.

    „Возачот кој управувал со автобусот е хоспитализиран и се здобил со телесни повреди. Веднаш по несреќата јавниот обвинител имаше првичен разговор со него и притоа тој не даде релевантни податоци за целиот настан. Јавниот обвинител усно е известен дека анализата на примероци на крв и урина покажала дека во моментот на несреќата кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Со барање на листинзи од мобилен оператор ќе се утврдува дали возачот во моментот на несреќата користел мобилен телефон“, најавува ОЈО Скопје.

    На Институтот за судска медицина, по наредба на јавниот обвинител извршена е обдукцијата на 13 од починатите лица, додека за едно лице обдукцијата е во тек.

    По приемот на овие докази, по доставување на обдукциските протоколи, медицинската документација за повредите на другите патници, извештаите за наредените вештачења, по испитување на возачот, на патниците во автобусот и на очевидци на настанот, како и по обезбедувањето на целокупната релевантна документација, во зависност од утврдените факти, обвинителството ќе донесе јавно обвинителска одлука.

    Според последните информации, четворица тешко повредени пациенти се во Градската општа болница „8 Септември“, а двајца тешко повредени се на интензивно лекување на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија и реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар. Бремената жена која беше меѓу повредените примени во Ургентниот центар денес е префрлена на Клиниката за гинекологија и акушерство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира