РАЗГОВАРАМЕ СО ПРИВАТНИТЕ ЛАБОРАТОРИИ ЗА ГРАЃАНИТЕ ДА МОЖЕ ДА СЕ ТЕСТИРААТ НА ДРЖАВНА СМЕТКА, „8 СЕПТЕМВРИ“ АДАПТИРА ПЛУС ДВЕ ОДДЕЛЕНИЈА ЗА ПАЦИЕНТИ СО КОВИД-19, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    РАЗГОВАРАМЕ СО ПРИВАТНИТЕ ЛАБОРАТОРИИ ЗА ГРАЃАНИТЕ ДА МОЖЕ ДА СЕ ТЕСТИРААТ НА ДРЖАВНА СМЕТКА, „8 СЕПТЕМВРИ“ АДАПТИРА ПЛУС ДВЕ ОДДЕЛЕНИЈА ЗА ПАЦИЕНТИ СО КОВИД-19, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕНа новинарските реакции дека граѓаните со денови чекаат за термин на тест на државно и дека се создава гужва пред ИЈЗ, Караџовски рече: „Нашиот народ е научен да оди во 8 часот да се тестира. Нормално дека ќе има гужва. За време на викендот направивме уште едно приемно одделение и ќе може и попладне да доаѓаат за тестирања“. - Д-р Караџовски и министерот Филипче на денешнитот прес. (Фото: К. Попов )

    Државните лаборатории ќе се зајакнат со плус 350 тестови за ковид-19 на ден, а разговараме со приватните лаборатории да помогнат и кај нив граѓаните да се тестираат по референтната цена која ја утврди Фондот за здравство, 1.850 денари, рече денес министерот за здравство Венко Филипче.

    Министерот и претседателот на Комисијата за заразни болести, епидемиологот д-р Жарко Караџовски одржаа заедничка прес-конференција по утринскиот состанок на Комисијата, и кажаа дека се зголемуваат капацитетите на лабораториите и на болниците за да може да се справат со силниот есенски бран на ковид-19.

    Лабораторијата во Институтот за јавно здравје ќе добие плус 150 тестови, во Центарот за јавно здравје 100, а во Детската болница Козле исто 100. Лабораториите ќе работат во две смени, до 20 часот, рече Караџовски. До петок ќе стигнат 60 респиратори од НАТО кои ќе бидат соодветно распоредени во јавните установи.

    На новинарските реакции дека граѓаните со денови чекаат за термин на тест на државно и дека се создава гужва пред ИЈЗ, Караџовски рече: „Нашиот народ е научен да оди во 8 часот да се тестира. Нормално дека ќе има гужва. За време на викендот направивме уште едно приемно одделение и ќе може и попладне да доаѓаат за тестирања. Работиме по 16 часа на ден“.

    Филипче додаде дека веќе е разговарано со приватните лаборатории да помогнат и периодов ќе го следат текот на епидемијата дали со новите термини ќе се ублажи притисокот врз здравствениот систем. Во тек е постапката за набавка на брзи тестови.

    На новинарско прашање дали тестовите ќе се продаваат во аптека, Караџовски рече: „Тоа не се тестови за бременост па да се продаваат во аптека. Си има протокол за тестирање“.

    Министерот кажа дека веќе се сместуваат пациенти во модуларната болница која се наоѓа до Инфективната клиника во Скопје, но за брзо време и таа ќе се наполни. Во Козле има 40 кревети, а до крајот на денот ќе се оспособат две одделенија во Градската општа болница „8 Септември“, со што, како што рече, не би се загрозиле останатите одделенија и пациенти во болницата.

    Пациенти од Куманово се праќаат во Скопје. Во Струмица до крајот на неделава ќе биде отворен нов крак, каде што веќе има инсталирано централен довод на кислород.  Таму ќе се отвори место за нови 100 лица. Во Битола се прилагодува интерното одделение, бидејќи останатите капацитети се исполнети. Во Охрид исто така се менаџира со интерното одделение. Во Гостивар забележан е поголем испис на пациенти и моментално одделението е полупразно. Во Тетово има 100 слободни кревети.

    „Во среда ќе одржиме состанок со приватните интернисти кои се 56 на број, од кои половина се од Скопје, за нивно вклучување во системот на дежурства“, кажа Филипче.

    Вчера беше регистрирана највисока дневна бројка –  22 починати, со тоа вкупно во земјава 919 починаа по компликации од ковид-19. Министерот рече дека огромен процент од пациентите , над 85 отсто имале тешка форма на некоја друга хронична болест, како и дека голем дел многу доцна доаѓаат во болница.

    Филипче и Караџовски уште еднаш апелираа до пратениците утре да се изгласаат законските измени со кој ќе може да се имплеметираат построги мерки, како носење на маска на отворено и забрана за собирање по гости, и додадоа дека тие мерки се со цел да се избегне полициски час.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира