РУСКОСКА ЌЕ БАРА ОД УНГАРСКИТЕ ВЛАСТИ АЗИЛАНТОТ ГРУЕВСКИ ДА БИДЕ ЕКСТРАДИРАН ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, ЗА ДА МОЖЕ ДА МУ СЕ СУДИ

    РУСКОСКА ЌЕ БАРА ОД УНГАРСКИТЕ ВЛАСТИ АЗИЛАНТОТ ГРУЕВСКИ ДА БИДЕ ЕКСТРАДИРАН ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, ЗА ДА МОЖЕ ДА МУ СЕ СУДИЗа осомничениот Никола Груевски, кој доби азил од унгарските власти по успешното бегство од Македонија, Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе бара проширување на барањето за екстрадиција. - Вилма Рускоска; Никола Груевски (Фото: СДК.МК)

    Истрагата за организаторите и наредбодавачите на нападот на Собранието на 27 април 2017 година, бивши функционери кои и по упадот во Собранието, раководеле од штабот на ВМРО-ДПМНЕ со насилствата, одведе до експремиерот Никола Груевски, кој е еден од петтемина осомничени кои добија мерки притвор.

    За осомничениот Никола Груевски, кој доби азил од унгарските власти по успешното бегство од Македонија, Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе бара проширување на барањето за екстрадиција, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески.

    „Преку Министерството за правда, Обвинителката Вилма Рускоска ќе бара проширување на барањето за екстрадиција, за да може за ова тешко дело по член 313 од Кривичниот законик, Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тој да биде испорачан и суден“, вели Јовески.

    Истото ќе биде побарано и за осомничениот во оваа истрага, Никола Бошковски од УБК, кој е избеган во Грција.

    Во оваа истрага, која долго време беше во предистражна фаза, осомничени се и Владимир Атанасовски, ексдиректорот на УБК кој веќе е во притвор, Миле Јанакиески и Спире Ристовски кои исто така добија притвор и уште синоќа беа однесени во затворот во Шутка, како и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Вељаноски беше единствениот кој синоќа си замина дома, бидејќи се повика на пратеничкиот имунитет. Основниот суд Скопје 1 ќе бара од Собранието да му биде симнат имунитетот за да може да постапува во врска со барањето притвор против него.

    За паравоен штаб во ВМРО-ДПМНЕ првпат зборуваше пред судот обвинетиот Александар Василевски – Нинџа. Тој и уште тројца обвинети треба денеска да го дадат завршниот збор. Со тоа ќе заврши судскиот процес за извршителите на организираниот напад на Собранието, но кои не се сметаат за главни осмислувачи на нападот и на сè што му претходеше со месеци наназад.

    Нинџа во сведочењето во ниеден момент не го спомна Груевски, кој непосредно пред нападот летна за Виена, со брат му Благој Василевски, како негово обезбедување. По повикот од Виена, разговор меѓу браќата Василевски, толпата упадна во Собранието, еден пратеник за малку ќе беше убиен, а десетици беа повредени. Нинџа раскажа за штабот на осмиот кат во зградата на ВМРО-ДПМНЕ што го видел со свои очи, за кој рече дека ги координирал насилствата во Собранието. Ги спомна Миле Јанакиески, Спире Ристовски, Билјана Бришкоска-Бошковски, Митко Чавков и други.

    Никола Груевски бил споменат од заштитениот сведок, но јавноста беше исклучена. Во сведочењето пред судот, Благој Василевски не беше прашуван од обвинителката Вилма Рускоска воопшто ништо за Груевски. Ниту адвокатите, ниту судиите и поротата тогаш не го прашаа за Груевски.

    Обвинителката Рускоска потенцираше дека никогаш обвинител не се потпира само на изјави од сведоци. Кажа пред новинарите дека секоја изјава мора да биде поткрепена со материјални докази. Но, не открива сè уште какви докази има за Груевски дека го испланирал и координирал нападот и настаните што му претходеа, почнувајќи уште од протестите пред Државната изборна комисија.

    На судењето на 33-та обвинети за 27 април, од кои 15-мина добија амнестија за да се изгласаат уставните измени, се читаа дел од пораките на вибер меѓу Трајко Вељаноски и Оливер Шамбевски, но и од тие со Димитар Стевананџија. Во една од пораките Вељаноски му пишува на Шамбевски: „Влада нема да има, ако треба со жив ѕид ќе спречиме“.

    Вељаноски му пишува на Стевананџија на 18.03.2017: „Многу јаки сте прилепчани, уште ќотек да им дадете на комуњариве“.

    Извесен Дејан во друга порака по вибер го информира Трајко пред настаните на 27 април: „Залихи на муниција во МВР има само 35 илјади куршуми, или само 4 часа дејствување. Овој шиптаров ги има закочено сите набавки. Исто и за залихите со храна. Кумашинот е таму шеф, па да го знаете“. На 26.04.2017 Груевски му препраќа на Трајко порака што ја добил од Митко Чавков, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста: „Добро утро директоре. Да ве известам, во моментов добив инфо од лојален колега Албанец дека денес околу 13 часот се планира нешто од другата страна, дали инцидент, дали со сила изгласување на претседател. Во моментов немам повеќе информации“.

    На ова судење се читаа и вибер пораки од 27 април на Миле Јанакиески.

    Комуникација на вибер група во која се пратеници и членови на ВМРО-ДПМНЕ од 27 април:

    17.54 Васил Пишев: Браќа и сестри нема пуштање ако треба ќе се гине за Македонија.

    18.53 Спире Ристовски: Појачајте од секаде. Максимум.

    18.53 Сашо Лазаровски: Заев одржува прес во моментов

    19.18 Александар Атанасов: Толку подобро. Многу е жешко во сала.

    18.27 Миле Јанакиески: Пред Собрание.

    19.28 Александар Атанасов: Горе ги тепаат нашиве на комуњарите.

    19.33 Миле Јанакиевски: Повеќе и повеќе народ.

    20.12 Сашо Лазаровски: Села може да е веќе аут.

    20.12 Саше Стефановски: 50 возила и автобус Битола.

    22.33 Миле Јанакиески: Да го завземеме просторот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира