УНИВЕРЗАЛНА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ГРАДИ КОГА ЌЕ ЗАВРШАТ ИСПИТУВАЊАТА ОД ИЗИИС И ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ

    УНИВЕРЗАЛНА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ГРАДИ КОГА ЌЕ ЗАВРШАТ ИСПИТУВАЊАТА ОД ИЗИИС И ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТКолку ќе траат испитувањата и кога ќе се продолжи со работа не се знае. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Универзална сала која во вторникот се запали ќе продолжи да се реконструира откако ќе се направат сите потребни испитувања за безбедноста на новата челична конструкција. Како што кажаа на денешниот брифинг министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, изведувачот и надзорот на објектот,  предвидениот рок за градба до 2026 година ќе се запази односно концертната сала нема да остане недоправена.

    Тие рекоа дека ништо не е изгорено од Универзална, односно уништено во пожарот е она што требало да се отстрани кога ќе почнела втората фаза за изведување на внатрешноста.

    Сето она што требаше да се сочува од Универзална како некоја музејска вредност е сочувано. Тоа што изгоре секако ќе беше отстрането. Нова е само железната конструкција и куполата, кои според првичните сознанија немаат оштетувања. Но, пред да ги продолжиме градежните работи стручни тимови од ИЗИИС и Градежен факултет ќе ги направат сите потребни испитувања“, рече Лазар Арсовски сопственик на градежната фирма „Универзал-Балкан“ која е изведувач на градежните работи.

    Надзорот Љубин Макаровски од фирмата ЕОЗ Скопје рече дека тој како надзор гарантира дека нема да се продолжи со реконструкција додека не се испита целиот објект.

    Колку ќе траат испитувањата и кога ќе се продолжи со работа рекоа дека не можат да кажат точно. Прво треба Министерството за внатрешни работи и Обвинителството да завршат со увидот, а потоа ќе продолжат испитувањата на ИЗИИС и Градежен факултет.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека главна причина зошто досега не се реконструираше објектот и две години стоеше отворен е градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која не ја давала салата и потребните документи и лажела дека објектот не е безбеден заради политички поени.

    Јас бев згрозена кога видов дека луѓето на Арсовска додека гореше салата гледаа, се радуваа и аплаудираа што се запали. Повеќе од една година не ги предаваше документите и не одговараше на нашите барања, а салата стоеше отворена, а одма по пожарот напиша Фејсбук статус со лажни обвинувања“, рече министерката.

    Таа додаде дека во моментов проектот Скопје европска престолнина на културата 2028 е во статус кво и не знае што ќе биде со него оти од Град Скопје не си ја вршат работата.

    Неажурноста на службите на Арсовска го загрозуваат овој проект. На 23 април ќе дојде делегација од Брисел да види до каде сме со исполнување на обврските, па ќе знаеме каква и ситуацијата“, рече Костадиновска-Стојчевска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира