Иако се само на километар оддалеченост, во Министерството за правда уште не стигнале одговорите од МВР, од Јавното обвинителство и од Основниот кривичен суд Скопје, кај што се водат постапките против избеганиот осуденик и обвинет експремиер Никола Груевски, зашто комуникацијата е преку пошта.
Министерот за правда Игор Филков на 14 април, по победата на мандатарот за нова влада во Унгарија Петер Маѓар, кој го спомена Груевски во победничкиот говор, рече дека ќе побара од надлежните правосудни органи и од МВР детални известувања за неговите актуелни и застарени кривични предмети, за пресудите, за обвиненијата, за барањето за издржување затворски казни и за неговото моментално наоѓање, движење, состојба.
Барањата веднаш се испратени од овие институции, ни потврдија надлежните во Министерството за правда.
Барањата според законот морало да се испратат по пошта. Потоа и одговорите од судот, обвинителството и од МВР, требало да бидат испратени по пошта. Кога ќе стигнат досиејата за Груевски, во Правда не знаат.
Тие информации би му служеле на Министерството за правда да напише точни податоци за статусот на кривичните предмети против бегалецот Груевски во барањето за екстрадиција што ќе го праќаат до новите унгарски власти.
Но, во Министерството за правда сега велат дека и да стигнат одговорите по пошта, не се знае дали сега ќе биде испратено барањето за екстрадиција на Груевски.
Дополнително, премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека нема да има барање за екстрадиција на Никола Груевски, зашто има активен одобрен азил. Претходниот ден рече дека ако се врати Груевски, оди право во затвор, на издржување на правосилните затворски казни за „Плацеви на Водно“ и за „Шамари во Центар“.
Од 2019 година во времето на министерката Рената Дескоска, за бегалецот не е побарано испорачување пред правосудните и затворски органи.
Вчера, премиерот одговараше на новинарски прашања за екстрадицијата на Груевски.
„Уште ли со тоа прашање!? Дадов одговор веќе, не ќе се повторуваме. За да се испрати барање за екстрадиција треба најпрво да се отпочне процедура за прекин на правото на азил. Сега да испратиме барање за екстрадиција, ќе добиеме негативен одговор. Можеме уште утре да испратиме, но нема поента“, изјави Мицкоски.
Потоа се префрли на Васко Ковачевски и овој бегалец го спореди со осудениот експремиер Груевски.
„Еве опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде“, кажа Мицкоски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



