ВМРО-ДПМНЕ СО ЕДНА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА ОД 39 ПРАТЕНИЦИ, КООРДИНАТОР НИКОЛА МИЦЕВСКИ, ОДЛУЧИЛ ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ

    ВМРО-ДПМНЕ СО ЕДНА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА ОД 39 ПРАТЕНИЦИ, КООРДИНАТОР НИКОЛА МИЦЕВСКИ, ОДЛУЧИЛ ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТПратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието од 51, сега има 39 пратеници. Новиот координатор Никола Мицевски и досегашниот координатор Драган Данев (Фото: Ѓ. Личовски)

    ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе дејствува со една пратеничка група, одлучил Извршниот комитет на партијата. Другите пратенички групи ќе се расформираат. Детали од партијата најавија за утре.

    За формирањето на единствена пратеничка група, според собранискиот Деловник, ВМРО-ДПМНЕ треба да го извести претседателот на Собранието Талат Џафери.

    Извршниот Комитет на партијата вечерва донел одлука нов координатор на пратеничката група да биде пратеникот Никола Мицевски од Штип. Мицевски  доаѓа на местото на Драган Данев, кој се повлече на свое барање по последните случувања во партијата. Тој беше беше координатор на 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ кои беа формирани кога почна расправата за смена на поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски со цел да се одолговлекува со процедурите.

    Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот координатор на пратеничката група ќе даде изјава утре.

    За други детали од вечерашниот состанок на ИК најавија сопштение и објава на лидерот на партијата Христијан Мицкоски на Фејсбук.

    Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Лука Кржаловски денес даде неотповиклива оставка од функцијата. Претходно, оставка поднесе претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, и потпретседателката и генералната секретарка на Унијата, Лилјана Кузмановска и Лилјана Затуроска. Од партијата велат дека кога оставка поднесува претседателката, тогаш автоматски во оставка е и најтесното раководство на Унијата на жени.

    На последната координацијата на пратениците со лидерот Мицкоски минатата недела, имало разногласие дали да се формира единствена пратеничка група или да се продолжи по старо да има повеќе пратенички групи, но пратениците сакале да се „отворат и многу побитни прашања“.

    Извори од партијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека иако имало разногласие, сепак Мицкоски одлучил да направи една пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ со новиот координатор Мицевски.

    Поради заминувањето на пратениците Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани во парламентарното мнозинство, исклучувањата на осуммината пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поради гласањето за пристапување кон уставни измени, а кои формираа нова независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, како и заминувањето на пратеникот на ГРОМ Панчо Минов, 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ сега немаат по минимум 5 пратеници кои се потребни да се формира една пратеничка група.

    Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието од 51, сега има 39 пратеници.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира