Просторот кај Собранието, кој досега беше див паркинг и каде требаше да се гради катна гаража, ќе се уреди во паркинг простор за возилата на пратенциите и службените коли. За уредување на просторот и изградба на паркингот ќе бидат потрошени 101.951.456 денари (околу 1,6 милиони евра). Според вебстраната на Бирото за јавни набавки, Собранието склучи договор на 8 јуни за набавка на опрема и партерно уредување на безбедносна зона со фирмата „Стентон градба“ ДОО од село Долно Оризари, Битола.
Просторот е веќе заграден со тараби и на терен се почнати градежни активности.
„Просторот околу Собранието е прогласен за безбедносната зона. Просторот во безбедносната зона, освен делот пред главниот влез на Собранието, е наменет за паркирање на возила за потребите на Собранието. Градежните работи за партерно уредување на просторот околу објектот на Собранието прогласен за безбедносна зона се изведуваат согласно договорот за jавна набавка од 08.06.2026 година“, велат од Собранието.
- ТРЕВНИКОТ ОД 1,5 ХЕКТАРИ ДО СОБРАНИЕТО СЕ ПРОГЛАСУВА ЗА БЕЗБЕДНОСНА ЗОНА, МУ СЕ ЗЕМА НА СОПСТВЕНИКОТ ШТО ГО КУПИЛ ЗА КАТНА ГАРАЖА, УЛИЦИТЕ ОСТАНУВААТ СЛОБОДНИ ЗА ПРОТЕСТИ И СОБИРИ
- ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ КАТНАТА ГАРАЖА ЗАД СОБРАНИЕ ЗА КОЈА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЈА ПОНИШТИ ГРАДЕЖНАТА ДОЗВОЛА, НО УПРАВЕН СУД ЈА ПРИФАТИ ЖАЛБАТА НА ИНВЕСТИТОРОТ
Според договорот за јавни набавки објавен на вебстраната на Бирото за јавни набавки, на просторот треба да се отсрани постојниот асфалт, потоа да се постават гранитни плочки, да се изведат патеки и паркинг места, да се засадат дрвја и да се постави урбана опрема и осветлување. Треба да направи нова портирница и да набави и постави систем за влез и излез од паркингот.
Со измена на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ за време на мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, наместо подземна гаража беше нацртана маркичка за катна гаража. Во јуни 2013, на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски земјиштето го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра за земјиштето од 2.455 метри квадратни. Планот дозволуваше гаражата да биде висока 9 метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор, продавници или угостителски објекти.
- НЕРАЗУМНО И НЕЗРЕЛО СЕ ОДНЕСУВАЛ ТОЈ ШТО ПРЕД 12 ГОДИНИ ДАЛ ДОЗВОЛА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО, КАЖА МИЦКОСКИ
- СОПСТВЕНИЧКАТА НА ФИРМАТА ШТО ТРЕБАШЕ ДА ГРАДИ КАТНА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО ИЗБРАНА ЗА ЧЛЕНКА НА КОМИСИЈАТА НА АЕК СО МЕСЕЧЕН ХОНОРАР ОД 2.700 ЕВРА
Градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 од ексградоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба. Но, инвеститорот на ова решение поднесува жалба и по судската постапка која трае неколку години, решението на Општина Центар се укинува и на инвеститорот му се дозволува да гради.
Во август 2024, инвеститорот ДТПУ „Анго“ ДООЕЛ од Скопје го огради просторот околу Собранието и почна да го расчистува просторот за изградба на катната гаража.
Премиерот Христијан Мицкоски во септември 2024 изјави дека „некој некогаш не бил разумен, се однесува незрело и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието“. Потоа во Собранието се донесе Закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона, со што се забрани градба и беше најавено дека фирмата која го купила земјиштето ќе биде обесштетена.
А. АНТЕВСКА



