ЗА 17 ДЕНА АРТАН ГРУБИ ИЗЛЕГУВА И ОД КУЌЕН ПРИТВОР АКО ОБВИНИТЕЛОТ КОЈ ГО ИЗВАДИ ОД ШУТКА НЕ ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ВО ЗАКОНСКИОТ РОК

    ЗА 17 ДЕНА АРТАН ГРУБИ ИЗЛЕГУВА И ОД КУЌЕН ПРИТВОР АКО ОБВИНИТЕЛОТ КОЈ ГО ИЗВАДИ ОД ШУТКА НЕ ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ВО ЗАКОНСКИОТ РОКАко биде ослободен, судот може во ваков случај само да му го земе пасошот на Груби. (Фото: СДК.МК)

    Шестиот и последен месец за истрага против поранешниот вицепремиер Артан Груби од ДУИ истекува на 22 август, кога тој ќе биде пуштен и од куќен притвор, ако обвинителот не подигне обвинение против него.

    Обвинителот од ОЈО Скопје кој по 14-месечно бегство на Груби, го остави само пола ден во притвор и веднаш мерката му ја ублажи во куќен притвор, има законски рок од 17 дена да ја заврши истрагата. Во спротивно, Груби е слободен.

    „Ако нема обвинение, куќниот притвор на осомничениот за кој прашувате му се укинува и Основниот кривичен суд Скопје по службена должност одредува мерка за обезбедување присуство. Најчесто тоа е одземање на патната исправа“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Кривичниот суд.

    Артан Груби пред да се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026, беше избеган во Косово, за каде не треба пасош. Таму поминуваме граница со лична карта.

    Осомничен е за проневера од 8,2 милиони евра во Државна лотарија. По неколку часа поминати во притвор, кажа дека не се чувствувал безбеден во Шутка, па обвинителот, оперативци од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и од Министерството за внатрешни работи (МВР) и судијата на претходна постапка веднаш го извадија од затворот со предлог за мерка куќен притвор.

    На 24 ноември 2025, тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека доказите за Груби се собрани, се чека само негова екстрадиција од Косово. Нејасна е тишината за овој предмет. И вчера Обвинителството ни одговори дека нема ништо ново околу истрагата што може да ѝ се соопшти на јавноста.

    Покрај Груби, осомничен во овој случај е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на Државна лотарија. И тој е во бегство.

    Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повика и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира