Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е задоволен од средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на кои меѓу другото се разговарало и за уставните измени. Мицкоски во изјава за медиумите на Самитот Европската Унија- Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, рече дека земјите членки имаат разбирање за нашите ставови.
„Ние со канцеларот Мерц се знаеме и од рамките на Европската народна партија, но еве ова беше прв состанок помеѓу два премиери и јас сум исклучително задоволен од состанокот. Исклучително сум задоволен и од она што вчера го разговаравме и со претседателот Макрон на работната вечера и со претседателката на Комисијата, Фон Дер Лајен. Уставните измени кои ги прифати претходната Влада беа тема на разговорот, но нашиот став е тој, ние заслужуваме многу повеќе од потпросечни политички медиокритети, како што беше претходната влада, да ни ја креираат европската судбина и мислам дека голем дел од земјите-членки на Европската Унија тоа го разбираат. Процесот на проширување е жив и добро е што таа порака денес лидерите на земји-членки на ЕУ ја испратија.“ рече Мицкоски.
Според Мицкоски, Европскиот Совет јасно кажува дека процесот на проширување останува жив.
„Она што е наша задача како Влада е тој процес да го зачуваме, да напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството, како што тоа беше пример во минатите децении, кога станува збор за нашите македонски аспирации за членство во рамките на Европската Унија. Нашата цел е да останеме држава која што испорачува најмногу реформи и истовремено да останеме фокусирани на проширувањето и да го сочуваме националното достоинство“, рече премиерот Мицкоски.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека Европската Унија има делумна вина за тоа што земјите од Западен Балкан сè уште не ѝ се приклучиле на Унијата.
„Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите постојат и на страната на Европската Унија. И нив сакаме денес да ги надминеме“, изјави Мерц пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
На прашањето кога Албанија би можела да стане членка, албанскиот премиер Еди Рама одговори: „Постојат три работи што не можете да ги предвидите: Бог, сексот и Европската Унија.“
На Самитот, покрај повеќето од шефови на држави и влади на 27-те земји-членки на ЕУ, учествуваат и Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора.



