ЗАПРЕ РЕКОНСТРУКЦИЈАTA НА ДВЕ УЛИЦИ ВО ТЕТОВО, ВИСАТ 800.000 ДОЛАРИ ЗА НОВИОТ ВОДОВОД ВО ЉУБАНЦИ И ЉУБОТЕН ПОРАДИ ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ПОМОШТА ОД УСАИД, ЗАСЕГНАТИ И СТРУМИЦА, СТРУГА И КАРПОШ

    ЗАПРЕ РЕКОНСТРУКЦИЈАTA НА ДВЕ УЛИЦИ ВО ТЕТОВО, ВИСАТ 800.000 ДОЛАРИ ЗА НОВИОТ ВОДОВОД ВО ЉУБАНЦИ И ЉУБОТЕН ПОРАДИ ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ПОМОШТА ОД УСАИД, ЗАСЕГНАТИ И СТРУМИЦА, СТРУГА И КАРПОШПретседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски (градоначалник на Кисела Вода) на Годишниот лидерски форум на УСАИД лани на 26 септември во Скопје. (Фото: Фејсбук на Орце Ѓорѓиевски)

    Општините Тетово, Бутел, Струмица, Струга и Карпош се засегнати од замрзнувањето на средствата за финансирање на програмите на Американската агенција за меѓународна помош (УСАИД) по одлуката на претседателот Донал Трамп. Американскиот Стејт Департмент на 24 јануари одлучи да ја замрзне распределбата на средствата за речиси целата американска помош во странство, со што суспендираше бројни проекти кои помогнаа на глобално ниво во сегментите на здравство, образование, развој, обука за работа и во други области.

    Во Општина Тетово запре реконструкцијата на две улици, во моментов единствениот проект финансиран од УСАИД, ни изјавија од Општината.

    „Во Општина Тетово во моментов има само еден проект, што се реализира преку невладината Ромалитико и истиот е во постапка на чекање. Во проектот е предвидена реконструкција на дел од улиците Пролетерска и Прохор Пчински. Од вкупната сума 4.196.603 денaри (околу 68.000 евра) за проектот за улицата Пролетерска, УСАИД требаше да финансира 30 отсто. Од вкупната сума 4.620.998 денари (околу 75.000 евра) за проектот за улицата Прохор Пчински УСАИД требашe да финансира 40 отсто“, велат од Општина Тетово.

    Од скопската Општина Бутел не добивме одговор дали и како ќе го премости замрзнувањето на странската помош од САД од 800.000 долари, клучна за изградбата на нова водоводна мрежа за Љубанци и Љуботен.

    Според објавата од 27 ноември 2024 на сајтот на Општината: „Првата фаза од овој историски проект ќе биде финансирана од страна на амбасадата на САД, во вредност од 800.000 долари. Останатите две фази од проектот ќе бидат финансирани од страна на Владата и Општина Бутел. Проектната документација беше изработена од Општина Бутел во вредност од 5 милиони денари (околу 83.000 долари – н.з.).

    Во Општина Струмица се закочени два проекта финансирани од УСАИД.

    „Во рамките на Одделението за Локален економски развој постои само еден проект преку УСАИД кој е стопиран и тоа ‘Мултифункционален повеќенаменски центар за развој на заедницата во рамките на Општина Струмица и микрорегионот’. Учеството од страна на УСАИД треба да биде 562.000 денари (над 9.000 евра). Во рамките на основните и средните општински училишта прекинат е проект во кој учествуваа двајца професори по англиски јазик во СОУ ‘Јане Сандански’, носител на проектот не е училиштето, туку друга организација, а професорите беа само учесници во обуката“, велат од Општина Струмица.

    Во Општина Струга единствен тековен проект поддржан од УСАИД е кампањата „Општина на дланка“, иницијатива за зголемување на транспарентноста и отчетноста во локалната самоуправа преку подобрена употреба на општинските веб-страници. Проектот е стопиран и во Општината велат дека немааат насоки како да продолжат понатаму. План како да го премостат финансирањето на овие проекти од УСАИД немаат ни другите засегнати општински власти.

    Од Општина Карпош ни изјавија дека немаат директна соработка со УСАИД, но лани во ноември е склучен Меморандум за соработка со ИДЕА, која е финансирана од УСАИД, за подготовка на техничка документација за проекти за подобрување на енергетската ефикасност во основните училишта.

    „Износот не беше определен. По актуелните случувања добивме известување дека проектот привремено се одложува и дека после април треба да очекуваме дополнителни инструкции. Секако дека ќе го почекаме одговорот од нивна страна за продолжување или стопирање на проектот, а потоа ќе одлучиме дали Општината ќе има можност за финансирање на предложените проекти“, велат од Општина Карпош.

    Проекти финансирани од УСАИД нема во Општините Велес, Босилово, Василево, Ново Село, Охрид, Вевчани, Битола, Новаци, Могила и Куманово.

    Вчера, американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека сѐ уште не знае како ќе се одрази врз Македонија одлуката за замрзнувањето на средствата за финансирање на програмите на УСАИД, но рече дека САД остануваат посветени на соработката.

    „Не знам. Ова е процес што е во тек и јас искрено не знам како ќе се одрази на нашата идна поддршка на развојот. Се разгледува и мислам дека е важно да биде разгледано. Но, како што им кажав јавно и приватно на Владата и на нашите партнери, ние сме тука. САД не си одат, ангажирани сме и правиме прекрасни партнерски настани, како овој денес. Кога ќе имаме одговори, ќе ги споделиме со вас“, рече амбасадорката Агелер.

    САД се најголем донатор на помош за странство во светот, околу 60 милијарди долари во 2023, или околу еден процент од американскиот буџет, а УСАИД имаше проекти во повеќе од 100 држави. Извршната наредба повикува на 90-дневна пауза на американската развојна помош во странство за да се процени ефективноста и „конзистентноста со надворешната политика на САД“. Администрацијата на Трамп планира да задржи помалку од 300 од 10.000 вработени во УСАИД, која се најде на удар на владината програма за реорганизација, предводена од Илон Маск. Агенцијата беше основана од Џон Кенеди во 1961 и денес има околу 10.000 вработени од кои две третини надвор од САД и годишен буџет од речиси 40 милијарди долари.

    ДОПИСНА МРЕЖА НА САКАМДАКАЖАМ.МК

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира