Единаесетгодишно момче од Србија ја преоѓа државната граница за да оди на училиште во Македонија. Шесттодделенецот Марко Арсовски од селото Горни Старац, Општина Бујановац, шест години посетува настава во селото Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, затоа што нема школо во своето село. На реката Пчиња нема мост, па секое утро и пладне, сам или со помош на своите родители ја гази водата.
„Станувам наутро најдоцна до 6 часот. Ако не е голема реката, поминувам брзо и излегувам на патот каде го чекам училишното комбе. Ако е надојдена водата, морам да заобиколувам околу 1,5 километар по козји патеки за да излезам подолу на патот. Кога е топло газам и бос, проблем ми е во зима, морам да облечем гумени чизми, па да ги собујам кога ќе ја поминам реката, да внимавам да не ги наводенам нозете. Некогаш кога немам време или ќе задоцнам, татко ми или брат ми на грб ме носат преку река или со трактор“, кажува срамежливо Марко.
Семејството Арсовски живее во маалото Чивчии, во зафрлено планинско село на планината Козјак, на самата македонско-српска граница. Во тој дел на селото природна граница е реката Пчиња, а официјалниот граничен премин Пелинце – Прохор Пчински се наоѓа на околу 200 метри од нивната куќа. Селаните имаат посебни легитимации и граничната полиција на двете држави не го попречува нивното движење. Но, голем проблем е што немаат мост безбедно да ја минуваат реката. Маката ги терала повеќепати да прават импровизирано мовче, кое траело до првото надоаѓање на водата.
„Ние географски припаѓаме во Србија, но поради близината повеќе сме врзани за Македонија. Кленике е оддалечено 17 километри, а Пелинце само неколку километри. Во овој дел на селото останавме само ние и во уште една куќа има луѓе, другото е пусто. Наводно, властите од Бујановац сакале да го градат мостот, но немало поддршка од македонска страна. Каква е работата не знам, важно ние имаме проблеми. Секое сабајле со чизми ја поминуваме реката. Носиме патики во торба, кога ќе стигне автобус да се пресобуеме, и некој ги враќа назад да се исушат за попладне. Меѓутоа, многу е опасно. Патот ни е на 100 метри кога нема вода, а 1,5 километар кога ќе дојде голема вода. Страшно е да го пуштиме детето само, бидејќи овде е дивина. Може да го нападнат животни, тука талкаат бегалци и разни луѓе, може да налета на некој од нив и да го исплашат. Кога ќе падне снег и се ќе затрупа, честопати Марко и не оди на школо. Среќа имаме разбирање од наставниците“, вели таткото Горан Арсовски (50).
Петчленото семејство Арсовски живее во трошна куќа од педесетина квадрати, со оскуден мебел и без бања. Покрај Марко, имаат уште две деца. Најстариот Милош (17) не оди на училиште, а Дарко (14) е болен од детска парализа. Живеат од социјална помош и ако некој го повика таткото Горан, кој и самиот е инвалид, да поработи некаде. Тоа не доволно за потребите на болното дете и на семејството. Милош е запишан на школо во Србија, но не оди оти немаат услови да го школуваат.
Директорката на основното училиште „Христијан Карпош“ во село Драгоманце, Анета Станковиќ-Јанковска, вели дека Марко, а претходно и неговиот брат Милош, се единствените ученици од Србија кои доаѓале на настава во нивното училиште. Како и останатите деца така и тие ги уживаат сите права.
„Детето има обезбеден училиште превоз, комбе оди до самата граница да го земе него, а потоа по пат ги собира и другите деца. На враќање исто. Знаеме дека Марко гази река за да го скрати патот до училиште, ама не можеме да му помогнеме“, вели Станковиќ-Jанковска.
Директорката три години му била учителка на Марко и има само пофални зборови за неговото однесување. Вели дека се работи за прекрасно дете, кое зрачи со позитивна енергија, а со неговите патешествија од дома до училиште се познати на сите.
„Еднаш го немаше на училиште и јас се посомневав дека изостанал затоа што требаше да правиме тест, но тој ни раскажа дека паднал в река. Додека брат му Милош го носел на грб да ја поминат реката, се сопнал и двајцата завршиле во вода. Се наводениле и тој морал да се врати дома за да се пресоблече. Му побегнало училишното комбе и немал со што да дојде. Многу често раскажува необични случки, видел змија или диво животно, тоа за него е вообичаеано, што за другите деца е незамисливо. Многу е зрел и прибран за свои години. Марко е добро дете и добар ученик, подготвен во секое време да помогне и затоа сите го обожаваме“, вели директорката Станковиќ-Јанковска.
Марко сака да игра фудбал и да стане фудбалер. Навива за Јувентус, а омилен фудбалер му е Меси. Тој дома нема компјутер и Интернет, ниту своја соба. Нема ни другарчиња од маало, па кога ќе се врати од училиште се грижи за својот постар брат, кој има сериозни здравствени проблеми. За Нова година очекува Дедо Мраз да му донесе компјутер или мобилен телефон, но и патиките што ги носи веќе му се стари. Тој сонува неговите родители да изградат куќа во која ќе има детски соби за него и за неговите браќа, да учи и да игра видеоигри како сите негови другарчиња.
„Оваа куќа се води на дедо ми и е пред распаѓање. Не дај боже да падне еден поголем снег, кровот нема да ја издржи тежината. Ќе изгинеме сите. Немаме купатило и уште се капеме во корито. А, болното дете бара постојана нега и хигиена. Најтешко е што останавме овде сами и не можеме да се снајдеме. Децата раснат и треба да се обезбеди храна, облека, обувки, подобри услови за живот. Марко до неодамна немаше јакна, одеше на школо само во тренерка“, вели Горан.
Место на живеење на Арсовски се води во српското село Горни Старац, но целиот имот им е на македонска територија и повеќе се врзани за Куманово. Од македонската држава добиваат социјална помош, тука се лечат, одат во продавница. Пред петнаесетина години започнале да градат куќа во селото Пелинце на свој имот, но кога го изградиле првиот кат се разболеле и починале родителите на Горан и куќата останала недовршена.
„Куќата најмногу ни е неопходна заради болното дете. Тој се роди здрав и кога ја прими вакцината бе-се-же се разболе. Што стана, не знаме. Сега не може да оди ни да зборува. Само лази. Лекарите ни викаат дека може да му се подобри здравјето во пубертет. Но, ние немаме услови да му помогнеме да оздрави. Овде не може да дојде доктор, ни туѓа нега. Само со количка или на носила може да го изнесеме од дома. Месечно му се потребни 150 памперси, дел добиваме од социјалното, а дел сами купуваме. На сета друга неволја, па има и трети крајник, a докторите не смеат да го оперираат. На пролет страда од алергии. Сѐ потешко е да се грижиме за него. Инаку е многу мирно и мило дете. Ако му дадеме да јаде ќе јаде, ако н`е гладно ќе седи, не знае самото да побара. Марко многу го сака и му помага. Го храни и го чува кога ние не сме тука“, вели мајката Илинка (43).
Семејството апелира до институциите и хуманите граѓани да им помогнат со градежен материјал и пари за да ја довршат куќата, заради децата. И секоја друга помош во облека, мебел, електрични апарати и постелнина ќе биде добредојдена за ова семејство.
„Барем децата ќе добијат сигурен кров над главата и мирен сон“, велат родителите Арсовски.
С. НИКОЛИЌ